недела, 30 јануари 2011

Расчистување стари сметки [Херкулес 0-3 Барселона]

Сабота 29 јануари, 2011, Аликанте, стадион „Рико Перез“. Барселона дојде да наплати некои нерасчистени долгови. До почетокот на средбата тимот на Херкулес важеше за единствена екипа која има победа над Барса во првенството [и тоа на Камп Ноу].

Иако многумина можеби и ќе негираат сепак се чувствуваше дека тимот на Барселона е дојден за реванш. А причините се познати. Казнената експедиција се наоѓа во неверојатна форма и низа од 14 последователни победи во Примера, игра бесконечно добар фудбал, дели петки ширум Шпанија. Дамката од поразот во септември мораше да се отстрани. Сепак позитивната традиција и домашниот терен му даваа на Херкулес право и надеж за добра претстава. И рака на срце не се претставија ни малку лошо. Уште еднаш демонстрираа дека се една од ретките екипи која горе-долу знае како да ја неутрализира напаѓачката машина на Барселона.



четврток, 27 јануари 2011

Пет е бројот на сезоната [Барса 5-0 Силната Алмерија]

Среда, 26.ти јануари... Камп Ноу прими околу 50.000 гледачи за кои полуфиналето на Копа дел Реј [Пехарот на Кралот] беше малку поважно од што и да правеа другите потенцијални 49 илјади гледачи за кои не беше доволен ни поводот, ни смешно ниската цена на карти [најефтините чинеа шест евра], ни сериозноста на противникот кој е само третата екипа во Примера која досега успеала да извлече нерешено против Реал сезонава.

Од друга страна, останува првата и единствена Ла Лига екипа која примила осумка и тоа на домашен терен, токму од нашата казнена експедиција, која денес се покажа како далеку подобар домаќин, отколку гостин. Впрочем, прашајте ги Мајорка и Херкулес за истово, ќе ви го потврдат [Ах тој Херкулес...].

Сантандер, доста ти е за годинава [Барса - Расинг 3:0]

Ова е тимот кој го прави фудбалот да изгледа како најлесната работа на светот. Уште една мајсторска изведба на шоуто „Барселона, тим за кој ќе се зборува“, во првото „пролетно“ коло во Примера, против Сантандер, ќердосан со „трички“ голчиња, исто како и во првото коло во Сантандер. Тогаш головите ги постигнаа Меси, Иниеста и Виља, а овој пат се е исто, само Виља го нема - тројката на Меси и Иниеста ја заокружи Педро.

среда, 19 јануари 2011

Доживотен договор за Жозе Мурињо

Доаѓањето на Жозе Мурињо на чело на Реал Мадрид значеше дека Лос Бланкос добија засилување не само во техничко-тактички смисол туку дека сериозно се засилија и во редовите на оние задолжени за „специјалната војна“ која секојдневно ќе се води по медиумите и ќе има за цел некаде да го подигне, некаде да го олабави притисокот, зависно од потребата, со цел да се дестабилизира противникот, а да се задржи мирот во сопствената соблекувална.


„Специјалниот“ не чекаше долго пред да почне да ги фрла отровните стрелички, вешто, перфидно, на адреса на противничките тренери, играчи, на адреса на судиите и федерацијата, истовремено обидувајќи се да врши притисок од позиција на тренер на најтрофејниот клуб во Шпанија и да подготви терен за алиби во случај на неуспешна сезона.

Давид Бабунски со гол за победа!

Давид Бабунски, првиот Македонец кој гордо го носи дресот на нашиот омилен клуб, постигна уште еден гол, одлучувачки, за победа на Јувенил Б тимот на Барса против екипата на Прат. Честитки за Давид, очекуваме серијата голови и добри игри да продолжат, па за неколку години да го гледаме во боите на блауграна редовно на Камп Ноу.

Ова е тимот кој нема граници [Барса 4-1 Малага]

Задоцнето но не и заборавено :-) Еве ги головите од мечот со Малага, чисто колку да стојат во архива. Според скромното мислење на вашиот уредник, станува збор за еден од подобрите натпревари кои тимот ги изигра во последно време. Со овој меч се заокружи првата половина од годинешната Примера, во која Барселона одигра фантастично и сруши грст рекорди: најмногу освоени поени во една полусезона - 52 од можни 57, гол разлика од +50! (61-11)... и сите други факти кои веќе се влезени во историјата, а ги повлекуваат спомнатите резултати. Фантастично! Само вака нека продолжи...



вторник, 18 јануари 2011

Pep, T'Estimo!




Пишува: 
Горјан Камчев


18 Јануари 1971 е датумот кој вечно ќе се памети и ќе биде запишан во историјата на Futbol Club Barcelona. Oва е датумот кој вечно ќе се памети во Барселона, датумот на кој кога ние би  биле на родителска кај нашите наследници, во Барселона би било неработен ден, празник, кога толпи од народ би ја преплавиле Rambla, и би направиле „Pasillo“  пред  6-метарскиот споменик, за тој да може да дојде до бината и да рече: „Немаше јас да ја добијам сета оваа почит и овој историски споменик доколку не беа моите момци, доколку не беа со мене Тито, Чави, Лео, Пуји, Андрес, Цеск, Тиаго и останатите. Сите тие го заслужуваат ова и се дел од овој споменик“, а од никаде ненадејно  би се појавиле Пике и Џими Џамп со голема роденденска торта во форма на ‘Manita’ (рака). ДА тој е датумот, на 18-тиот ден во годината кога сите ние ќе му посакаме Среќен Роденден на нашата легента, на нашиот херој  Josep "Pep" Guardiola i Sala.