вторник, 18 јануари 2011

Pep, T'Estimo!




Пишува: 
Горјан Камчев


18 Јануари 1971 е датумот кој вечно ќе се памети и ќе биде запишан во историјата на Futbol Club Barcelona. Oва е датумот кој вечно ќе се памети во Барселона, датумот на кој кога ние би  биле на родителска кај нашите наследници, во Барселона би било неработен ден, празник, кога толпи од народ би ја преплавиле Rambla, и би направиле „Pasillo“  пред  6-метарскиот споменик, за тој да може да дојде до бината и да рече: „Немаше јас да ја добијам сета оваа почит и овој историски споменик доколку не беа моите момци, доколку не беа со мене Тито, Чави, Лео, Пуји, Андрес, Цеск, Тиаго и останатите. Сите тие го заслужуваат ова и се дел од овој споменик“, а од никаде ненадејно  би се појавиле Пике и Џими Џамп со голема роденденска торта во форма на ‘Manita’ (рака). ДА тој е датумот, на 18-тиот ден во годината кога сите ние ќе му посакаме Среќен Роденден на нашата легента, на нашиот херој  Josep "Pep" Guardiola i Sala.

Роден е во Santpedor, Barcelona, Catalonia како трето дете, тој има две постари сестри Francesca и Olga, и еден помал брат Pere. Оженет е со  Joanna Soné, и има три ќерки, Maria (10 год.), Marius (7 год.) и Valentina (2 год.). Но да одиме на неговата кариера.

Пеп својата професионална кариера ја започна во FC Barcelona. На 13-годишна возраст тој и се приклучи на познатата школа на Барса, La Masia, и таму помина 6 години, години во кој покрај фудбалот се учат многу благородни работи, пред се да бидеш човек, да бидеш џентламен на теренот.

Во неговите први денови во клубот, тогашниот тренер на А тимот Јохан Кројф, се појавил на ‘Mini’ стадионот при некој пријателски натпревар, и на полувремето се симнал до клупата, за да го праша Карлос Решак (тогашниот тренер на младинците) за името на едно слабо младо момче кое играло на десната страна на средината, „Гвардиола – добро момче“ кратко одговорил Рексач, Кројф го игнорирал неговиот одговор и му рекол во вториот дел да го игра како централен играч во средината на теренот, како пивот (задњи везни), многу тешка позиција за адаптација, и позиција која никаде во Шпанија не се користела. Пеп Гвардиола се адаптирал веднаш на таа позиција, како што претпоставил Кројф. И кога тој премина во А тимот, стана вистинска точка на ротација (позиција во средината во која тој е центарот, а сите останати ротираат околу него) во Дрим Тимот. Дебитираше против Cadiz.

ЕL CAPITAN
Кројф многу често го употребуваше, а во 91-92 година стана и стандарден првотимец, и со само 20 години ја освои Ла Лига, Европскиот Куп (Лига на Шампиони), како и Олимпијадата со Шпанија. По заминувањето на Кројф, Пеп продолжи да биде незаменлив на средината, а подоцна и ја добива капитенската лента, и продолжи да освојува титула под палката на Боби Робсон.

По 12 години во првиот тим на Барса и 479 одиграни натпревари, Пеп заокружи бројка од 16 освоени титули со Барса, и реши да ја смени средината, последниот меч во Блауграна дресот го одигра против Селтик. Продолжи во Италија (Бреша).

Исто така  има одиграно и 47 натпревари и постигнато 5 голови за Шпанска Репрезентација, и  7 натпревари за Каталонија. Има многу освоени индивидуални награди меѓу која е и наградата Најдобар играч на Шпанија, на Олимпијадата 1992. Во Барселона.

По играчката кариера следува и тренерската кариера

По завршувањето на играчката кариера Пеп се враќа назад на местото на „злосторот“, на местото каде што ги доживеа најсјајните моменти во неговата кариера, се врати во Барса.
На 21 Јуни 2007 Пеп Гвардиола беше назначен за тренер на Барса Б, заедно со Тито Виланова како негов асистент (неговиот соиграч и пријател). И веднаш уште во првата сезона се осети нешто посебно кај Пеп, ја освои Tercera División (четвртата по ранкинг лига во Шпанија), а со тоа и се избори за плејоф натпревар за влез во Segunda Division B.

JOB WELL DONE
По неславниот крај на славната ера на Франк Рајкард, раководството на Барса на чело со Жоан Лапорта реши да се раздели со Рајкард, и беше во потрага по нов тренер. Се вртеа многу имиња, како Лаудруп, Венгер, Ван Гал, но најголем фаворит беше тогаш слободниот и најпосакуван Жозе Мурињо, и работата беше речиси завршена, Мурињо беше одбран, но при разговорите и плановите со Моу, раководството му понудило тој да биде тренер, но Гвардиола да биде негов асистент (помошник), Жозе не сакал да ја прифати таквата понуда, туку тој сакал свој тим. Во тие моменти на размислување, дали да му се удоволи на специјалниот, Јохан Кројф стапил на сцена, го побарал Лапорта и му рекол да го назначи Гвардиола за менаџер, дека тој верувал во него. Лапорта го послушува и Жосеп Гвардиола е назначен за менаџер на Барса за сезоната 2007/2008, заедно со Тито Виланова како негов помошник. Ова е можеби најдобрата одлука донесена во последнава деценија.

Ретко кој тренер во својата дебитантска сезона би се дрзнал да биде менаџер на гигант како Барса, но многу разнишана Барса во тој момент, Барса на која и треба помош од искусен стручњак. Но Пеп не се уплаши, не само што не се уплаши од  предизвикот туку и се осмели храбро на продажба да ги стави тогаш најголемите ѕвезди, најбитните играчи, легендата Роналдињо, Деко, Замброта. После нивното заминување сите се посомневаа во способностите на Пеп. На нивно место донесе едно звучно и повеќе анонимни засилувања, Алвес, Пике (тогашниот играч во Б тимот на Ман. Јун.), Кеита и Касерес. Покрај нив донесе и други 3 засилувања, со себе си ги донесе Бускетс, Педро и Жефрен од Б тимот, играчи кој добро ги познаваше. Дотогаш анонимните играчи кој предходната година играа во четвртата лига, многу брзо станаа стандардни играчи во тимот, а по само една година и незаменлив дел од Шпанската Репрезентација. А Пике за само една сезона стана еден од најдобрите дефанзивци во светот и столб во Шпанската репрезентација.

На презентацијата на тимот, Пеп излезе со скромна изјава и рече „Не ви ветувам титули, но ветувам дека ќе дадам се од себе“. Дебито го имаше во квалификациите за ЛШ против Висла Краков и забележа победа од 4-0, но не беше се така розово за него. Шпанското првенство го започна со шокантен пораз од тогаш новајлијата Нумансија, а во наредниот натпревар следуваше нерешен резултат со Расинг Сантандер, и веднаш почнаа да ја нишаат неговата клупа, критиките не запираа,  и се претпоставуваше нова неуспешна сезона за Барса. Но Пеп беше имун на сите напади и критики и не смени ништо, си продолжи по негово, со стилот како што него го учеле со добро познатиот 4-3-3 стил на Јохан Кројф. И тоа му донесе успех, Анри, Ето и Меси блеснаа и веднаш следеа 20 натпревари без пораз и избивање на чело на Примера. Од тогаш се течеше како подмачкано, како од бајките, Барса играше како на Плејстејшан како од друга планета, а тоа на своја кожа и во своја куќа најдобро го почуствува најголемиот ривал Реал Мадрид . Меренгуесите беа демолирани со 6-2 а титулата беше на прагот.

чуј! стари... „Шта је ударац на прва ?“
Пеп ги живееше тие моменти како во сон. Но по само неколку дена следеше можеби најтешкиот натпревар во неговата кариера, по 0-0 на Камп Ноу следеша реваншот од ½ финалето во ЛШ на Семфорт Бриџ против тогаш цврстиот Челзи на Гус Хидинк, и кога Челзи со скоро двете нозе беше во финалето, кога се беше спремно за славје, кога и Пеп веќе се помири со поразот, чудото дојде, знаеме сите што се случи, Андрес стана Сан Андрес. Потоа падна и шампионот Манчестер Јунајтед на Алекс Фергусон, предходно и Копа дел Реј се освои, и секој втор збор на навивачите беше ‘Triplete’.

MY DREAM IS TO FLY...
Но Пеп не се задоволи со тоа, и продолжи да руши рекорди. Веднаш потоа се реши да го продаде и најдобриот стрелец Самуел Ето. Барса продолжи со ист стил, а играчот што тој го промовираше, што тој го направи играч, Педро, му донесе 6 титули од можни 6. И невозможното стана возможно, подвиг што ниту еден тим/менаџер никогаш го немал остварено. Пеп тоа го направи и тоа во дебитантската сезона за него, а веднаш потоа следеа и индивидуалните награди за најдобар менаџер на светот, и многу други.

Следната сезона Пеп не го промени многу тимот, а Барса продолжи да блеска, Меси доби многу повеќе простор и се вивна во височините, не постоеше мрежа што ја немаше затресено 2-3 пати. Во ЛШ доживеа неуспех во ½ финалето против Интер, предводен од Жозе Мурињо, како да сакаже Моу да му каже кој е подобар, но Пеп ги памети таквите моменти и учи од грешките. Но во Ла Лига следеше рекордна сезона,  Барса ја освои со 99 поени, што беше нов рекорд.

Во оваа сезона Барселона игра фудбал каков што не се памети до сега ‘Tika-Taka’ функционира совршено, а рекордите не престануваат да се нижат. Реал Мадрид се расфрла со огромни пари, ги донесе најдобрите играчи што можеше да ги земе, го донесе и Жозе Мурињо, со само една цел – да се запре оваа Барса на Гвардиола, ако предходната година Мурињо му одржа „лекција“ по дефанзивен фудбал, катанаџо на Гвардиола, оваа година Пеп му одржа лекција по фудбал, по модерен фудбал, го демолираше Реал Мадрид на чело со Мурињо, Роналдо и Касиљас со 5-0. И по само половина сезона има 52 поени (никогаш до сега не освоил некој тим толку поени), и исто така рекордна гол разлика од 61-11.

Точно дека голема е улогата на Меси, Чави, иниеста, но Пеп Гвардиола е диригентот. 8-те титули во само 3 години, кажуваат се. Ги победи, надмудри многу поискусни и подокажани стручњаци од него, како Хидинк, Фергусон, Венгер, Мурињо.Стана единствениот менаџер кој има 5 успеси во серија во Ел Класико натпреварите. Пеп е вистински џентламен, никогаш не се скарал со некој колега (тренер), никогаш не ги напаѓа и не ги коментира судиите. На теренот знае понекогаш да изреагира на неправдите од судиите, но никогаш не се пожалил од некој судија. Пофалби добива од сите страни, а Фергусон го посака за негов наследник во Манчестер Јунајтед. Но Пеп е верен на Барса, како најголем барселонист, каталонец во срцето, дете на клубот, капитен, предводник, пред се човек, човек со огромна храброст, џентламен, легенда и херој на сите фанови на Барса.

Со само 3-годишна кариера тој веќе влегува во историјата, во друштво со Кројф и Сер Алекс Фергусон, луѓе, тренери кој допринеле нешто во фудбалот, кој го модифицирале, кој ја надградиле фудбалската игра, внеле нешто ново. Пеп и Барса ни го преставуваат фудбалот во вистинска смисла на зборот, ни овозможуваат да се чуствуваме горди, да уживаме. Гвардиола е нашиот Сер Алекс, Гвардиола е нашиот вечен тренер.

На овој ден, на неговиот роденден, сакам да му се заблагодарам за се што направи за ние навивачите да се чуствуваме вака.
Среќен Роденден\ Happy Birthday\ Feliz Cumpleanos  Josep "Pep" Guardiola i Sala !!! …

… T’ESTIMO!



Нема коментари:

Објави коментар