понеделник, 11 октомври 2010

Љубов во офсајд: Фабрегас во Барса, еп. 258

Веројатно не е лошо еднаш месечно барем да продолжиме со следење на трансфер-сапуницата чија ескалација после краткото примирје се очекува од март до 31. август 2011. Ако не заврши тогаш, од март до август 2012. А, ако не бидне работата и до тогаш [и ако го преживееме армагедонот на Маите - многу важен предуслов], сосема сигурно дека ќе се занимаваме со Фабре и во 2013. И така натака, трендот веќе го знаете...

КАПРИ МИ Е, ДВОР МИ Е

Ел Мундо Депортиво пишува дека за време на паузата поради повреда која Цеск ја доби за време на натпреварот на Сандерленд, при постигнувањето на еден епски гол, покрај рехабилитацијата момчето од Аренис ја искористи и за одмор на Капри, како и за трк до Каталонија да заврши некои имотно-правни односи, т.е. пазар на земјиште околу локацијата каде неговиот татко Франк изгради куќа.

ЕМД ова го толкува како гест со кој Цеск сака да си го подготви постојаното живеалиште доколку идното лето пристигне во Барса, а ако не [е црно, ќе е бело], тогаш ќе се пресели таму откако ќе ги закачи копачките на клин.
БОИТЕ СЕ ОКЕЈ, НА АМБЛЕМОТ
МОЖЕ ДА ПОРАБОТИМЕ

Веднаш после неуспешниот обид на Барса да го пазари Фабре, медиумите јавија за можно слично сценарио како при трансферот на лажниот Роналдо во Реал - уште една година во дресот на Арсенал [Манчестер], па потоа преселба [враќање] во Шпанија [Каталонија]. Неколку фактори можеби одат во прилог на ова сценарио: Арсенал ја почна слабо сезоната во Премиер лигата, и веќе заостанува зад лидерот Челзи, па Фабре кој остана за да ја заврши својата незавршена работа веројатно ќе дочека уште една година без успех во Англија, иако е рано да се предвидуваат такви сценарија уште сега. Второ, Џек Вилшер игра се подобро, а ставот на Венгер во однос на експлоатацијата на младиот талент и негова интеграција во тимот е познат [треба да игра, за да созрее].

Пеп го одби трансферот на Месут Озил [асли Германецот чиј омилен клуб, оној за кој отсекогаш навивал е клубот во кој ќе направи трансфер] можеби токму поради резервата за иден трансфер на Фабре во Барса, играчот кој е единствена желба на Гвардиола како засилување за средината на тимот и можеби „ваучерот“ со кој Пеп ќе игра кога ќе почнат преговорите за продолжување на неговиот престој на кормилото на тимот од Каталонија.

Сепак, барем Пеп одлучно не коментира [барем сега] за некој нов обид да се доведе Цеск во Барса. На прашањето на новинарот на Скај Спортс за трансферот на Фабре, пред неколку дена, Гвардиола одговори: „Тоа е добро прашање. Довидување“.

АМАН ЗА АМАН, ШТО МИ ПРАВИТЕ ЗЛИ ЛУЃЕ!
А, сосема разбилрливо е што медиумите во Каталонија по истата тема викаат: „Добредојде“. Сепак, „научно докажано е дека“ Цеск им го зголемува тиражот. Исто како што ќе ја зголеми продажбата на дресови со бројот 4 [кој мистериозно остана со бланко име оваа сезона]. Чави започна да се мачи со повреди. Конспиративците би претпоставиле дека можеби нашиот архитект и намерно се повредил за да ги инспирира Росељ и компанија да се подготват за одврзување на ќесето на лето. Реалните би рекле дека повредите се составен дел од играта.

Ние ништо повеќе не би додале. Засега ;)

Нема коментари:

Објави коментар