четврток, 14 октомври 2010

Барселона ги затвора портите!

Потпретседателот на Барса Жорди Кардонер ги објави плановите на клубот за промени во однос на можноста луѓето да се здобијат со полноправно членство во клубот (soci), наводно поради проблемите во однос на регулацијата на сезонските билети. Официјално: Барселона станува „фамилијарна институција“ затворена особено за фановите кои живеат надвор од Каталонија.

„Од 1. ноември само луѓето кои ќе ги задоволат следните услови ќе може да станат членови на клубот: да бидат роднини од прва или втора крвна линија на постоен член, да имаат помалку од 14 години или веќе да биле членови на Барса. Оваа мерка, која беше вклучена во изборната програма, е начин за да се заштити она што Барса го застапува“, изјави Кардонер, потпретседател на клубот кој е формиран од Швајцарец и во својата химна има текст како: tant se val d'on venim (без оглед на тоа од каде доаѓаме), а слоганот на изборната програма на гарнитурата на Росељ, од која е дел и тој, беше Tots som el Barca (Сите сме Барса).

КАМП НОУ ГИ ЗАТВОРА ВРАТИТЕ...

Според бордот, овие промени доаѓаат поради се поголемиот број на членови и многуте барања за сезонска карта за Камп Ноу (моментално има околу 9.500 членови кои чекаат за ваква карта), додека според податоците на клубот просечно се ослободуваат 225 карти годишно од овој тип, што значи дека просечното време на чекање на еден член за ваква карта е 42 години. А сега, со овие мерки, ова значително ќе се регулира, нели? Чисти глупости.

Ајде, да кажеме дека оваа математика вреди да се уважи... Сигурно постоел и некој друг механизам за справување со овој проблем, без да дојде до „затворање“ на клубот кон потенцијалните фанови кои со членството не претендираат кон аквизиција на сезонска карта (која после и ја продале скапо), туку само сакаат да покажат лојалност кон клубот.

Според Кардонер, со ваквите мерки самото членство во Барса ќе добие на значење: „Ова е и начин за заштита на она што Барса го претставува. Сега, можноста да се биде член ќе биде уште повеќе вреднувана“. Да. Ние членовите во моментов правиме пир со кифлички, руска салата и кока кола, радувајќи се дека сме нешто повеќе од другите и дека ако Петко сака да стане член, ќе треба да ме замоли ептен многу да го посвојам, па да може да „игра“ на фамилијарна карта.

...А КЛУЧОТ ГО ГОЛТНАА ОВИЕ МОМЦИ!
Од лево на десно: Кардонер, Росељ и двајца сомнителни батки...
Солуција има, за сите кои сакаат едноставно од љубов да спружат стопетшеесет евра годишно чисто од љубов кон клубот, бидејќи другите бенефити од членството се платнено ранче, сертификат, две бронзени значки, попуст за интернет купување во фан шопот и попуст од неколку евра за билети за натпреварите од клубот - доколку ја искористите можноста да ги набавите преку нет 10 дена пред да можат друите, попуст на ракометните и кошаркарските натпревари и внимавајте, БЕСПЛАТЕН ВЛЕЗ на натпреварите од хокеј тимот). Решението е следно: кој не се зачленил досега, или нека зачлени брат, сестра или братучед до 14 години, па по линија на крвно сродство нека аплицира за членство... или нека ја чека нашата пења која ќе се официјализира за брзо, па така да има опција за добивање некаков легален статус на официјален фан на Барса, доколку тоа е нечија желба, се разбира.

Промените стапуваат на сила од 1. ноември, но од денес до почетокот на наредниот месец не се прифаќаат нови апликации за членство.

За лицата од сликата веројатно доволен е фактот што сме тим со најмногу навивачи на Фејсбук. Unlike! Е, Гампер, Гампер...

Нема коментари:

Објави коментар