понеделник, 6 декември 2010

И да врне, и да вее, и бура да коси... [Осасуна 0:3 Барселона]

Убиственото темпо, убиствената игра, неверојатната прецизност, целиот талент на оваа генерација фудбалери на Барселона продолжува да се демонстрира ширум терените во Шпанија. Нема запирање за оваа „казнена експедиција“! Не можеа ни возови, ни автобуси, ни патувачки перипетии, ни снегови, ни гостински терен, едноставно НИШТО во овој момент не може да ја запре оваа Барселона. И одново победа на гости за сто отстотен учинок [7 од 7], одново победа без примен гол [кога не можеше Реал...], одново Меси, но и одново Педро [продолжува дечкото „Кој беше ти?“ да стрела во 7 последователни натпревари].






Натпреварот на „Reyno de Navarra“ започна со задоцнување од 45 минути поради проблемите на Барселона со авио превозот. Започна со несекојдневни грешки во одбранбената линија и полу-притисок на фудбалерите на Осасуна. Се чувствуваа последиците од патувањето и немањето време за загревање. Се до 25тата минута и погодокот на Педро. Бускетс проигра со Меси, а овој велемајсторски го уфрли Педро во шеснаесетникот за лесна реализација. Од тука натаму немаше дилеми за новата победа. Барселона ја заигра својата игра, се редеа шансите.

До крајот на натпреварот Меси реализираше на два пати. Првиот пат на додавање на Виља, а подоцна од пенал кој самиот го изнуди. Лесна победа, запишани се планираните 3 бода, продолжи серијата победи без примен погодок. Морам да нагласам дека Виља одигра доста слаб натпревар во реализаторска смисла. Вакви натпревари веќе видовме од него на почетокот на сезоната. Сепак слабата реализација на зицер шансите ја замени со отварање на простор на соиграчите и убавата асистенција за голот на Меси.

Како мал куриозитет ќе ја нагласиме одлуката на Пеп да стартува со комплетно ист тим како и на претходниот натпревар – за прв пат сезонава.

Нема коментари:

Објави коментар