недела, 19 декември 2010

Најубавиот божиќ во историјата на Барселона

Барселона на големо започна да се подготвува за Божиќните и Новогодишните празници. Доказ за тоа е се почестата употреба на „петардите“ како ефикасно пиротехничко средство, забележливо особено кон екипите кои го имаат ројалистичкиот благослов видлив во предзнакот „реал“ во нивните имиња: Мадрид, Сосиедад, Еспањол.
Новата година во Барселона ќе се слави насекаде: по улици, плоштади, кафичи, ресторани. Целиот град ќе го чека доаѓањето на Трите Кралеви - во Каталонија Дедо Мраз го има во излозите и на рекламите на кока кола, но тој не е главната ѕвезда на новогодишните прослави. Огнометите започнаа на 29. ноември, ноќта во која гордо кренатата отворена дланка на сите во чие срце е Барса го најави празничното расположение, времето на давање.

И ако некој помисли...
...дека трите кралеви доаѓаат само во Барселона, започнувајќи со парадата на 5. јануари низ улиците на градот, нека помисли повторно: неколку дена подоцна, на изборот за Светски фудбалер на годината, историски бидејќи е прв заеднички во кој ФИФА заедно со Франс Фудбал ќе ја обединат титулата за најдобриот играч во минатата година, трите кралеви ќе се појават и на оваа манифестација со отворените дланки, овојпат за да примат признание од оние кои се радуваа на нивните подароци во текот на сите минати 365 дена.

Се шушка дека овогодинешните огномети ќе бидат посилни во споредба со минатите години. Ќе започнат на 31 декември неколку секунди пред полноќ и ќе траат барем до 2. јануари кога на Камп Ноу ќе се појави пиротехничката експедиција за да распламти уште грст влажни соништа кои ќе ја најават фантастичната година која доаѓа.

Крајот е само еден нов почеток. Па така, крајот на прославите во јануари зачаден од петардите и огнометите е само интро кон мисијата за маглата во мај, во Лондон. Резервацијата и атмосферското прилагодување треба да се направат во февруари. До крајот на годината имаме уште едно полувреме во натпреварувањето кое го освојуваме од време на време, чисто колку да се прати една порака, со декорацијата во моментите на славење, а ни значи исто колку и на нашиот противник од Баскија.

Ла Лига за 2010. е завршена приказна, во 2011 влегуваме уште помотивирани. Знам дека на некои од вас ова им е тешко за верување, но линијата на движење на мотивацијата, желбата, пожртвуваноста, совршеноста на овој тим во догледно време нема breaking point. Каков поинаков заклучок може да се донесе за тимот кој после освојувањето на сите можни титули во една година и поставувањето на рекорд кој прашање е кога некој ќе го сруши, освои 99 бода во една сезона, а годинава игра вон сите познати граници?

Еден ден и овој циклус ќе има свој крај. Еден ден Лео Меси ќе е белобрад дедо кој ќе работи како скаут за Барса низ Аргентина. Чави ќе е некогашен трофеен тренер кој секое утро со изговор пред бабичката дека оди да купи леб, млеко и весник, ќе седнува на клупите во паркот во Тераса и ќе ги гледа малите момчиња како шутираат топка. Иниеста ќе има училишта и улици кои ќе го носат неговото име и се' уште ќе се срами од тоа, а Бускетс ќе одгледува грозје на фамилијарниот имот, ќе прави вино и ќе го продава во флаширано во тенки високи шишиња. Валдез ќе биде вонреден предавач на Факултетот за контролирање на темпераментот, Пујол ќе добие Оскар за животно дело поради инспирацијата на нов холивудски лик многу поуспешен од Тарзан, Гвардиола со бастунче ќе се појавува на секоја прослава на „Денот на Жозеп Гвардиола“ пред неговиот споменик. Пике и со патерици секое лето ќе го минува на терасата од неговата вила на Ибица од каде се гледа атмосферата по дискотеките таму, и заедно со Францеск Фабрегас ќе сучат мустаци во неверување и од нервоза затоа што на нивните внучиња ќе им е досадно да ги слушаат приказните за 2010. година од Јужна Африка кои во секое ново кажување ќе содржат некој нов лик, настан или пресврт. Ќе се напијат ракиичка соблазнати од спомените на времето кога пишувале историја.

Еден ден и планетата Земја ќе престане да постои, нашата галаксија ќе се судри со соседната и приказната за животот кој го знаеме и во кој повеќето од нас единствено веруваат, од страв за сонување на границите на познатото, на ивицата на фантазијата, ќе го снема.

Еден ден и сонцето ќе престане да свети, уморно од тагувањето по времето во кое секој зрак неизмерно чекал да се бакне со тлото на оваа топка, и ќе остави простор за некои нови Сонца во некои поинакви светови.

Но и во тој ден, велат мудрите, како астероидски појас, како дожд од метеори од време на време во ведра ноќ, топла како крвта која зоврива од нивната игра, бурна како екстатичните гејзери кои нивната аура ги предизвикува, некои нови генерации милениуми после нас ќе може да застанат на највисоката планина која тогаш ќе постои, па да се поткренат на врвовите на прстите и да ја начујат симфонијата на Универзумот:

Сетете се на онаа Барса! Барса која го промени светот.


Но, дотогаш, имаме уште многу, многу години во кои ќе добиваме уште многу подароци од нашите момци, како овие, годинешните. Да уживаме во нив и во привилегијата на паралелно егзистирање во точно овие параметри од временски аспект со момците на најдобрата фудбалска екипа во историјата на фудбалот: Futbol Club Barcelona!

Среќна нова. И не грижете се: Трите Кралеви ви подготвија уште неброено многу подароци... :)

8 коментари: