петок, 10 декември 2010

За прв пат во историјата: Барселона добива спонзор на дресовите - Qatar Foundation

На прагот сме на еден голем преседан: во текот на денот раководството на Барса ќе објави дека склучило договор со Qatar фондацијата, непрофитна организација која се бави со инвестирање во едукацијата и научните истражувања, за спонзорство на дресот на фудбалската екипа во вредност од 30 милиони долари по сезона. UNICEF останува на дресовите, исто така...
„ДАЈ ДА ГО ПОДРЖАМ И ЈАС“
Каталонски Спорт на својот веб сајт sport.es уште вчера објави дека Барселона е на прагот да постигне договор со спонзор за дресовите, повикувајќи се на извештаи на радио Каталуња, но после објавувањето на истата вест на „мегафонот на Росељ“ Ел Мундо Депортиво, можеме со сигурност да заклучиме дека ова е вистина и дека за прв пат во 111. годишната историја Барса ќе носи спонзор на своите дресови.

Пеглањето на јавната перцепција и реакцијата на фановите и членовите [кои не беа прашани за оваа одлука] Ел Мундо започна да го прави презентирајќи ја зделката како рекордна и како дил не со некоја моќнаи злобна корпорација, туку напротив, со УШТЕ ЕДНА ФОНДАЦИЈА; со „малите кутри луѓе“ од Катар фондацијата кои се занимаваат со подобрување на светот, вложување во едукација, научни истражувања и унапредување на општеството. Абе речиси исто како и УНИЦЕФ, со тоа што на УНИЦЕФ му плаќавме и ќе продолжиме да му плаќаме меѓу 1.5 и 2 милиони евра годишно за да го носиме неговото лого на дресовите, а Катарците ќе спружат 30 милиончиња по сезона, според првичните информации во наредните 5 до 6 години [иако мое лично уверување е дека Катар е подготвен барем до 2022. да ни биде спонзор, година во која ќе се одржи СП во оваа мала и богата земја].

Логиката на Росељ, според Ел Мундо е следна: „Да, претседателот е многу свесен за чувствителноста на навивачите на Барса околу огласувањето на дресот на првиот тим, но не смееме да заборавиме на економската ситуација во клубот. Ако тимот сака да продолжи да се натпреварува на највисоко ниво и да ги има најдобрите фудбалери во светот, а Пеп Гвардиола да добива се што ќе посака, тогаш мораме вака“.


Поддржувачите на овој преседан спорат со критичарите дека овој дил навистина е во духот на Mes Que Un Club философијата, односно се вклопува во фер-плеј политиката на тимот и неговата поддршка на принципите на солидарноста на УНИЦЕФ, кој според извори во клубот бил консултиран за текот на преговорите и нема ништо против инкорпорирање на уште една фондација на дресот на тимот.

Критичарите ќе се јават со испитување на дискутабилната Фондација т.е. земјата од каде доаѓа, во смисол на тоа кои проекти ги поддржува [очекувајте религиозни „препукувања“], од какво општество потекнува и дали навистина е погоден спонзор за Барселона. Впрочем, и УНИЦЕФ е фондација и „Катар“ е фондација: само, разликата во располагањето со парите е очигледна. И индикативна.

Неутралните веројатно би рекле: па добро бе луѓе, лесно ви е да зборувате од страна. Ако ги сакате најдобрите играчи, тренер и засилувања, мора да попуштите пред традицијата [а таа вели дека покрај Атлетик Билбао, Барселона е единствената екипа која во историјата не носела „бои“ на спонзор] и таквите сфаќања. Сакале или не сакале, it's all about the „Benjamins“.

Значи, очекувајте во наредните неколку часа објавување на првиот спонзорски договор во ИСТОРИЈАТА на тимот за спонзорирање на дресот на фудбалската екипа. Да ве потсетиме, Пеп Гвардиола веќе беше заштитно лице на кампањата на Катар за СП 2022. Изгледа е време овие релации да се продлабочат т.е. да ни ги продлабочат - џебовите...

НЕ Е ДО ПАРИТЕ. ДОБРА ДУША ИМААТ!

1 коментар:

  1. Подржувач сум на тоа да се има спонзор (не профитна организација) пред се поради економската ситуација на Барселона, т.е со овој спонзор ќе може да се исплатат годишните плати на 4 до 5 играчи со што ќе има повеќе пари да се дејствува на трансфер маркетот затоа што никој не ни гарантира дека играчите од младинската школа на Барселона (го земам Тиаго) нема да биде продаден за мала сума пари затоа што нема да го има потенцијалот што го имал Чави( иако според мене Тиаго е наследник на Чави со особини како неговите и +особини на Роналдињо)... Всушност мислам дека ова е предобар "deal" за Барса. Во однос на историјата и тоа дека 111 години немаше спонзор на дресовите, мислам дека не е можно во годините што следат да се издржи без спонзор (30 м евра+) и мора да дојде до промени кои сакале или нејќеле оние најтврди "каталонци" со тек на време ќе ги прифатат. Поздрав :)

    ОдговориИзбриши