среда, 1 декември 2010

Грандиозната победа од друг агол [Барселона 5:0 Реал Мадрид]

29 Ноември, 2010 година. Прекрасна роденденска забава на „Камп Ноу“. Петарда! Голема победа! Вечниот ривал комплетно уништен, понижен, растурен. Милионите навивачи на Барселона низ целиот свет се израдуваа на победата. Тиражните печатени медиуми ги пласираа своите бомбастични наслови. Насекаде фалење за гламурозната претстава на „Лос Кулес“. Нема човек на планетата што остана рамнодушен на претставата на момците на Пеп...

Петарда! Најфраер во радувањето!


Победата на Барселона е чиста како солза. Извонредна партија на целата екипа. Морам да го издигнам Чави над сите за стабилноста на средината на теренот, за прикажаната креативност, за смиреноста при постигнувањето на водечкиот гол. Меси е извонреден и беше рамо до рамо со него, но диригентот на целата игра беше Чави. Тој го диктираше темпото на игра, тој одлучуваше кога да се нападне, а кога да се врати топката до дефанзивната линија. El Matador – секоја чест! Давид Виља реагираше извонредно докажувајќи дека полека се пронаоѓа себе си во шампионскиот тим. Одбраната на висина на задачата! Бускетс одличен! Пеп наплати некои долгови со камата!

Претходниот параграф повеќето од вас го знаат или пак можеа да го заклучат гледајќи ја средбата. Она што сакам да го пренесам до Вас е моето гледање на другата страна на медалот. Предната страна би била: Одлична партија, висока победа, деморализирање и понижување на противникот. Изгледот на задната страна ќе го образложам во продолжение:

Овој натпревар е само еден од 38 во првенството и само прв од можни [замислете] 5 оваа сезона помеѓу Барса и Реал. Победата нема да биде значајна доколку не се продолжи со ист стил, со исто темпо, со иста одлична игра и на следните натпревари. Што ако Реал слави против Валенсија, а Барселона [не дај Боже] изигра нерешено против Осасуна во следното коло од Ла Лига? Во таков случај уште веднаш првенството продолжува од мртва точка. Поголем ефект на големата победа над Реал би почувствувале кога би се случило обратната ситуација – Реал да почне да губи бодови во следниве натпревари, а Барса да продолжи да меле се пред себе. Оваа ситуација е доста пологична, но сепак е само една од двете можни.

Зошто 5 можни натпревари? За оние кои не ме сфатија еве мало објаснување: Во април Барса треба да гостува во Мадрид на редовна пресметка во првенството. Неодамнешната ждрепка за „Кралскиот Куп“ ги насочи двата ривали од две различни страни, па така единствена можност за пресметка е само во финале. Тоа би било финале што се игра во мај 2011. Останатите два натпревари – Лига на Шампиони. Двете екипи се во нокаут фазата. Во 1/8 финале не може да се сретнат [правило за две екипи од една земја], па така со евентуално поминување на двете екипи во следна фаза [тука Реал е сомнителен нели?] се појавува можност за голема нокаут пресметка. Значи имаме уште 4 потенцијални пресметки помеѓу двата Шпански гиганти. Скромно како секој член на Барселона – Би ги трампал овие 5:0 за 5 победи од по 1:0 во 5 мечеви со Реал Мадрид [под претпоставка да се случат].

Мало потсетување: Мурињо загуби и беше демолиран на првите два дуела со Интер во фазата по групи лани. Но доволни му беа само 5 месеци за триумфално, арогантно да продефилира и да се истрча во свој стил пред полниот „Камп Ноу“. Искрено не би посакале вакво сценарио иако оваа победа изгледа голема во моментот.

Заклучокот за крај би бил во стил на веќе „ГОЛЕМИОТ“ ПЕП: Ја прославивме убедливата победа со стил. Ги живееме најдобрите години од постоењето на клубот. Напорната работа и добра системска поставеност 20тина години наназад полека ги дава своите плодови – не случајна е бројката од 7.100.000 приврзаници на социјалната мрежа Фејсбук. Популарноста на клубот во цел свет е огромна, а е плод на прекрасниот незаменлив стил на игра, држењето до својата идеологија, играњето до крај, без симулации, без „нечисти“ потези, без директиви за намерни картони, на кој стадион и да се појават играчите им се аплаудира [за разлика од едни други играчи]. Во моментот се е на наша страна. И да признаам – Среќен и горд сум што сум навивач на Барселона. Сепак нема да се залетуваме. Најмалку 5 месеци ќе можеме да им се сладиме на грандиозните 5:0 и на кафе, пиво - муабетите да им се смееме во фаца на навивачите од другиот тим. Но патот не завршува тука, остануваме фокусирани до крај и во мај јуни славиме нов TRIPPLET титули!

Нема коментари:

Објави коментар