сабота, 20 ноември 2010

Последен тест пред „Ел Класико“

Почнува викенд фудбалската програма во „Ла Лига“. Најчесто поставуваното прашање во него е: „Ќе останат ли водечките на исто растојание?“ Барселона има гостување во Андалузија кај незгодната Алмерија, а Реал игра против фудбалскиот бастионот од Баскија – Атлетик Билбао.

После исцрпувачката недела во која поголемиот дел од фудбалерите беа на репрезентативна должност за Барса следува натпревар против екипа од долниот дел на табелата.

Ситуацијата со составот е задоволителна, иако неколку играчи се вратија со ситни повреди од своите должности. Поради тоа Ерик Абидал нема да патува со тимот, а Пике е под знак прашалник [што поради повреда, што поради претпазливост]. Останатите се здрави, но дел од нив играа по 90 минути пред само 48 часа и имаа само по два цели тренинга со соиграчите. Стручното раководство одлучи да се патува на денот на натпреварот – што значи дека и заморот би можел да биде проблем за дел од играчите. „Вирус ФИФА!“

Околу моменталната форма – тимот го игра можеби најдоброто во смисла на напад и реализација. Секако за тоа најголема благодарност треба да му се оддаде на Меси, неговите голови и асистенции. Давид Виља почна да личи на „ѕверот“ од Валенсија, проработи и Педро. За одбраната мора да заклучиме дека не е на ланското ниво, иако тоа нема некое големо влијание на резултатите. Формата на гостински терен во бројки 5 од 5.

Противник на Барса е Алмерија – тим кој контрастно на нас нема ниедна победа на домашен терен. Само една победа во 11 натпревари. Големиот пријател на Пеп – Хуан Мануел Лиљо даде интересна изјава за натпреварот: „Против Барселона го играте тоа што ќе ви го дозволат да го играте. Најважно од се е дека ние сме способни да ги искористиме шансите што тие ќе ни ги допуштат.“ Иако е во зоната за испаѓање овој тим на Алмерија секогаш игра со посебни мотиви против Барселона. Ќе се потсетиме на ланскиот натпревар – исклучувањето на Ибра и двата прекрасни гола на Меси кои не беа доволни за победа. Алмерија на тој натпревар одигра доста храбро и ни создаде огромни проблеми.

Очекувам тежок и исцрпувачки натпревар за Барселона. Сигурен сум дека Алмерија нема да тргне со „камикази стил“ во напад, но би требало да играат силен пресинг на средината на теренот и на нашата одбранбена четворка. Што порано го отвориме натпреварот, толку подобро. Најважно од се е да се сочува празна мрежата на Валдес. Средината вообичаено треба да си ја заврши својата задача. За креацијата во нападот би требало да се погрижат Меси и Виља. Минимална победа и одржување на притисокот врз Реал кој својот натпревар го започнува веднаш после нас.

Нема коментари:

Објави коментар