петок, 12 ноември 2010

Дон Андрес - шампион каков што многумина никогаш нема да бидат

Dani Jarque siempre con nosotros - oваа порака, поздрав до загубениот пријател ја напиша Андрес Иниеста на маичката која ја носеше под дресот во финалето на Светското првенство. Како да знаеше дека ќе успее да постигне гол и ќе има прилика да му оддаде почест на својот пријател Дани Жарке, капитенот на жестокиот ривал на Барселона, Еспањол, кој почина минатата година од срцев удар.

ДОН АНДРЕС - LARGER THAN LIFE
Гест на човек, гест на шампион кој заслужено доживува standing ovation на сите стадиони во Шпанија, херој на земјата на Светските шампиони поради неговиот грандиозен талент, но и поради гестот како овој - во моментот по кој ќе го паметат генерации на фудбалски фанови од целиот свет децении откако него ќе го нема, секој ќе знае дека Андрес со голот не само што ја зацементира сопствената бесмртност, туку прати многу важни пораки, потсети на важни работи, на кои ние „обичните луѓе“ некогаш подзабораваме...


Вчера Иниеста ја подари култната маичка на Даниел Санчез Јибре, претседателот на Еспањол. За време на неговиот говор, речиси расплакувајќи се, Андрес изјави: „Тешко е да ги контролирам емоциите. Многу ми е тешко да се разделам од маицата, но знам дека ова е најдоброто место за неа... Јас го постигнав голот, но и тој ќе биде запаметен“.

На церемонијата присуствуваа фамилиите на Иниеста и Жарке, официјални лица од двата клуба и неколку играчи на Еспањол.

Еве го официјалното видео од Еспањол ТВ:



Чави Андреу, директор за комуникации во Еспањол:

„Велат дека сликата вреди илјада зборови. За членовите и поддржувачите на Еспањол, големиот гест на човечност на Андрес не остави без збор на 11. јули оваа година. Долго време сите фанови на фудбалксата игра ќе може да се присетат на важноста на фундаменталните вредности на спортот, кои се поголеми дури и од ривалствата. Андрес не' потсети на вредностите на пријателството, едноставноста и тимскиот дух. Ти благодарам Андрес. За нас, ти си вечен пријател, поради гестот кој секој ќе го слави, како што твојот фудбал ја демонстрира големината и врдноста на овој спорт кој буди многу емоции. Најмногу од се, чувството дека сите сме дел од една голема фамилија, фудбалската фамилија“.

Даниел Санчез Јибре, претседател на Еспањол:

„Тоа беше еден гест кој, од денот кога го видов голот... Да ви кажам нешто, јас веќе Иниеста го сметав за голем играч кој сите сме го виделе, но му кажав и нему „Ти си голем не само на теренот, туку и надвор од него“. Андрес, ти благодарам многу. Искрено за Еспањол и за сите „перикос“ [навивачите на Еспањол], ова е гест кој јас би рекол е тешко за верување дека се случи, но ти реално го направи. Ти благодарам многу од името на клубот. Твојот живот сигурно ќе има многу триумфални моменти бидејќи кога некој ќе направи вакво нешто, во иднина кога ќе се пензионираш се' уште ќе бидеш човекот кој е многу сакан и ценет меѓу навивачите на Еспањол и целиот свет.“

1 коментар:

  1. Немам зборови. Голем човек.
    Светот ќе беше подобар да имаше
    повеќе луѓе како Андрес Иниеста.

    ОдговориИзбриши