понеделник, 29 ноември 2010

Фан против фан: Барса - Реал Мадрид

Фанот на Барселона, Боби Илиевски против фанот на Реал Мадрид, Зоран Анѓеловски како загревање за Ел Класико.

Пред нас е новата епизода од Ел Класико, дуелот помеѓу Барселона и Реал Мадрид, натпреварот кој според многумина е најголемото фудбалско дерби, спектакл кој буди планератен интерес.
Сите параметри покажуваат дека ова ќе биде еден од најголемите дуели помеѓу Барселона и Реал Мадрид, еден од најголемите во историјата на Ел Класико натпреварите.

CAPTION NOT NEEDED
Веројатно нема да погрешиме ако кажеме дека Барселона и Реал Мадрид во моментов се двата најсилни тима во светот, екипи кои во своите редови ги имаат најголемите играчи предводени од маестралните Пеп Гвардиола и Жозе Мурињо.



Двете екипи во овој дуел влегуваат во одлична форма, по неубедливиот почеток, ако така може да се каже, Барса и Реал го фатија вистинскиот ритам и почнаа да ги мелат своите противници.

Каталонците ги добија последните четири Ел Класико натпревари, и не се ништо послаби од периодот во кој му нанесоа тежок удар на Реал Мадрид совладувајќи го со 6:2 на негов терен, но Кралскиот клуб оваа сезона не е истиот, на клупата го има Жозе Мурињо кој уште на стартот покажа дека може да биде клучната фигура за ренесанса во Мадрид.

Кој ќе биде помудар, Пеп Гвардиола или Жозе Мурињо? Која ѕвезда посилно ќе блеска, Меси или Роналдо? Кој ќе победи, Барселона или Реал Мадрид? Одговорите ќе ги добиеме во понеделник нешто пред 23 часот, а пред тоа се загреваме со рубриката fan vs fan во која овој пат ги имаме Боби (Барселона) и Зоран (Реал Мадрид).

Како сте задоволни од текот на оваа сезона, од резултатите и играта на вашиот тим?

Боби: Па добро, за почетокот на сезоната, кој и тоа како е важен за петтиот чин во мај (доказ за тоа е моменталната состојба на табелата) можеме да поставиме две теории, откако ќе усвоиме дека беше неубедлив, на моменти можеби и оценет како слаб, иако станува збор за 1+2 реми натпревари (примера и ЛШ) и еден единствен пораз, но тоа е нормално во референтниот систем на тимот на шест купови, кој сериозно атакува на фото финиш на Вембли и трета примера по ред. Првата е дека слабиот старт се должи на моментална неинспирација. Видете, под слаб старт подразбирам реми и пораз на домашен терен од екипи кои својата среќа ќе ја бараат од 8-13 место на крајот на сезоната, бидејќи останатите натпревари тимот ги одигра одлично. Се случуваа апсурди како пораз дома од Херкулес, па победа на гости против Атлетико Мадрид, па нерешено дома со Мајорка, па победа на гости над Атлетик Билбао – нешто што во инверзна форма пред почетокот на сезоната на гладно срце би го прифатиле како реално дури и навивачите на Барса.

Вториот начин на гледање на работите е дека Пеп Гвардиола е добар со бројките и знае две работи: минатата година ја освои примера поради подобриот директен скор со Мадрид на Пелегрини (доколку ремизираше на двата натпревари, веројатно трофејот ќе завршеше кај Галактикоси, но не се коцкаше со ремија туку извојува победи :), како што знае и дека во сезона после едно Светско првенство, особено турнир кој за 80% од првиот тим на Барселона беше долго психо-физичко исцрпување, кога не може да се одржат нормални подготвителни натпревари, формата треба да се темпира. Па, има и такви кои веруваат дека мечот со Херкулес на Камп Ноу беше еден од подготвителните, а врвот на формата во оваа полусезона треба да се постигне во понеделник. Досегашниот тек и развој на играта и резултатите нудат доволно аргументи за да се верува и во еден ваков поголем план на Пеп, кој секако не подразбира губење бодови на домашен терен од екипи како Херкулес и Мајорка, но веројатно ризикот е пресметан и поважно - неизбежен.

Зоран: Како навивач на Реал Мадрид мора да бидам задоволен од резултатите и играта во досегашниот дел од оваа сезона. Задоволен сум бидејќи секој вљубеник во фудбалот би сакал да биде на наше место (да биде MADRIDISTA), бидејќи во досегашниот дел од оваа сезона Реал Мадрид е најдобар тим во Европа (во најдобрите 5 Лиги) статистички има 15 победи, 4 нерешени и ниту еден пораз во сите натпреварувањa во кој учествува, па заедно со Манчестер Јунајтед се единствените клубови кои не се поразени во цела Европа досега, а и по самата игра што ја прикажува на теренот. Во почетните неколку натпревари Реал Мадрид не одушевуваше, победуваше по 1-0 и изигра два натпревари нерешено без голови (0-0 со Мајорка и Леванте) и си помислив и оваа ли година ќе се „нервираме“, но натпреварот со Ајакс на домашен терен во Лигата на Шампионите мислам дека беше една голема пресвртница (најдобриот натпревар што го одиграл Реал Мадрид откако навивам за него, а тоа е од 1997 година) натпреварот заврши со 2-0, но можеше да заврши со 10-0 за Реал. Реал во сите досегашни натпревари од оваа сезона доминира во секој поглед на теренот во офанзивата ги контролира и го менува темпото како ќе му одговара и во дефанзивата се брани колективно и без некоја грешка, со други зборови ова е Реал Мадрид што од секогаш сум го замислувал и посакувал да биде, да изгледа НЕПОБЕДЛИВ. Но, не треба да се залетуваме и залажуваме сеуште е рано, Реал нема ништо освоено, играше со релативно слаби противници со исклучок на Милан кој го надигра и Атлетико кој му е редовен „муштерија“, уште не изиграл ниту едно дерби во Ла Лига како на пример со Севиља, Виљареал, Валенсија, а најголем тест досега ќе му биде „Ел Класико“ во понеделник. Но, се на се досега треба да бидеме задоволни, овој Реал Мадрид ветува и може да биде најдобрата екипа во Европа во наредните неколку години.

Како ја оценувате играта на вашиот противник во досегашниот дел од сезоната?

Боби: И Реал Мадрид се соочи со слични „проблеми“ како Барселона, со таа разлика што бунарите во кои потонаа 4 бода планирани на контото на „кралевите“ беа кога белите одеа по гости и не беа пречекани со слатко и сокче, туку со сериозно поставена игра во комбо-план на тренерите на Мајорка и Леванте со „Талија“, план кој можеби наликува како да го препишале од украдената тетратка за домашна работа на Жозе од минатата година. Сепак, после и тие започнаа да мелат со ред, и резултатите велат дека секој фан на Реал Мадрид би требало да е задоволен – непобедени се (податок кој звучи сјајно, но ќе вреди ако остане ист и после понеделник), а сепак станува збор за „тим во изградба“ кој е горд сосптвеник на еден вербален стрес релаксант а ла Мурињо („очекуваме резултати од догодина“), искажан во моментите кога уште не беше исушено мастилото од договорот кој на Специјалниот му овозможува да кидне во Манчестер во истиот момент кога на Сер Алекс ќе му дијагностицираат проблеми со левата срцева преткомора.

Но, јас не сум навивач на Реал, ниту објективен набљудувач на фудбалот (ова второто не го мислам, ама за некого ќе биде полесно да го сфати ова што сакам да го кажам под овие предуслови) па мене играта на тимот од Мадрид – не ми се допаѓа - и сметам дека Гвардиола има простор за користење на грешките на Лос Бланкос, што поради невоиграноста на дечките од главниот град, што поради „галамата во понеделник“ (читај: искуство).

Зоран: Како и во претходните 2 сезони така и оваа Барселона е една од најдобрите, ако не и најдобра екипа во Европа. На почетокот на оваа сезона Барселона не стартуваше најдобро загуби од Херкулес и изигра нерешено со Мајорка на домашен терен и тоа се нејзините единствени киксови. Според мене таквиот старт се должи на тоа дека поголемиот број од играчи беа дел од шпанската репрезентација која го освои Светското Првенство во Јужна Африка и кои го носеа најголемиот товар, како и купувањето на Виља од Валенсија и неговото интегрирање во системот на игра кој го практикува Пеп Гвардиола, но во продолжението Барселона се покажа во исто светло како и претходните две сезони. Меси се разигра почна да погодува и постигна многу голови. Барселона во досегашниот дел од сезоната ја покажа сета своја силина со тоа што ги победи сите „фаворити“ за титулата како Севиља, Валенсија, Виљареал и Атлетико Мадрид. Си ја играат својата игра која се состои од голем посед на топка и голем број на додавања. Исто така стануваат се поефикасни од натпревар во натправат како што беше и случајот со претходниот натпревар со Алмерија кога победија со 8-0. И оваа сезона Барселона изгледа дека е непобедлива и ако може некој да и се спротистави тоа е само Реал Мадрид.

Како сте задоволни од активностите на трансфер пазарот на вашиот клуб, од новите засилувања, и на кои позиции сметате дека треба да се засилите во иднина?

Боби: На почетокот на годината бев малку уплашен дека тимот е краток и дека ќе биде реално тешко за младите момци од кантерата да влетаат како солидни замени кога ќе биде потребно меѓу првата екипа, а сето тоа во паузата од играњето (и тоа сосема солидно) во втората шпанска лига со Барселона Б. Замина Анри, замина Ибра – дојде Виља, уште чекаме на Бојан. Патот под нозе, секој на своја страна, си го фатија и Рафа Маркез и Дмитро Чигрински (ех, море Чигро...), а како опција плус во делот од одбраната која во Барселона сериозно треба да напаѓа дојде (и тоа не за преголема сума на пари) Адријано Кореиа, корисен играч чие време допрва ќе дојде, особено ако не-дај-Боже Даниел Алвеш посака да јава камили во градот на браќата Галагер од јуни. Last but not the least, дојде the beast, el Jeffe Хавиер мадафака Маскерано (Monsterano! Морав и овој од грстот надимаци да го спомнам), човекот кој ме изненади многу, но ако ви кажам дека неговата техника на пример ги изненадила сите до еден негови нови соиграчи кои „ги знаеле (само) неговите питбул квалитети“, тогаш и мене ми е оправдано, така? Маске е секогаш онаму каде што е топката, или барем е на половина чекор од тоа место. Деструктивец од учебник кој се вклопи феноменално во тимот, а очекувам уште поголем напредок од него. Пеп ќе порасне коса од ќеиф кога ќе може да го корсити него наместо Бускетс секогаш кога е потребно профилирање на средината на теренот во капитенско-аргентински фазон.

Во јануари доаѓа и Афелај, млад искусен играч кој примарно ќе треба да си го бара своето место како замена на Педро, но неговата версатилност и амбидекстерност (може да игра на сите напаѓачки позиции од средината) би требало да му овозможи порано упатување до соблекувалната, туш и релаксирано пиење на сокче на Иниеста (кој додека сме тука, со Афелај во екипа комотно може да добие поголема слобода во играта и наместо да ровари по лево „под присила“ да игра поцентрално), нешто што ќе е од особено значење во втората половина на сезоната, кога распоредот на натпреварите ќе е многу густ и (се надевам) ќе се игра на три фронта во мај. Кој сака да види мала компилација за „Иби“ Афелај од која ќе добие сенс за неговите квалитети и можеби визија зошто токму тој е материјал за екипа како Барса, може да го погледне ова клипче. http://www.youtube.com/watch?v=W9P2BmsIRDM

Зоран: Откако е претседател Флорентино Перез за првпат сум задоволен од активностите на трансфер пазарот, некои нема да се сложат со ова, но на мене никогаш ми се допаѓаше политиката купување на ѕвезди или ГАЛАКТИКОС. Во овој трансфер пазар Реал пазаруваше многу ПАМЕТНО купи квалитетни, млади и играчи кои можат да се прилагодат на екипата, а не да бидат само индивидуалци. Исто така ми се допаѓа што за првпат во Реал Мадрид главниот збор на трансфер пазарот го имаше тренерот, а не претседателот. Мурињо уште еднаш ја покажа својата големина со тоа што пазаруваше само тоа што му беше потребно, прво го купи Анхел Ди Марија кој е млад играч, кој со својата снаодливост, пробивност и брзина може да игра и на левата и десната крилна позиција и е играч кој му е потребен Реал Мадрид бидејќи долго време немало таков играч. Потоа Му го купи Кедира кој имаше одлично Светско Првенство во дресот на Германија, а од друга страна беше релативно „евтин“ за тие квалитети што ги има борбен, цврст во дуел и може да извршува секакви задачи на тренерот во дефанзивата, а во исто време се префрла во офанзивата и може да биде одличен партнер на Чави Алонсо. Откако се дозна дека Кака ќе оди на операција на коленото и дека ќе одмара до јануари 2011, Му реагираше брзо и го донесе по мене најдоброто засилување најдобриот играч на Светското Првенство во дресот на Германската репрезентација Месут Озил кој е иднината на Реал и наследникот на Зидан, Озил е страшен играч кој може да се снајде на сите позиции на средина на теренот, солиден креативец и играч кој би го посакала секоја екипа. Мурињо уште еднаш докажа дека кога е во прашање купување на играчи сака да ги плати по своите реални цени, таков е и случајот со Мајкон од Интер кој не го донесе бидејќи не сакаше да плати 2 милиони евра повеќе, па поради тоа го купи Карваљо од Челзи, според многумина тоа беше лош потег, но Карваљо претставува „мозокот“ на Мурињо на самиот терен, а од друга страна на оваа екипа и требаше некој искусен бидејќи по заминувањето на Раул и Гути (по мене оправдано) Касиљас беше најстар и најискусен ако се изземе Дудек кој не игра. Педро Леон и Каналес беа земени да бидат солидни замени бидејќи се талентирани млади играчи кои неможат да направат раздор во соблекувалната, а од друга страна се Шпанци. Според мене оваа екипа во иднина не треба воопшто да се засилува на ниедна позиција бидејќи екипата е оформена на сите позиции, а друга страна во јануари се враќаат двајца одлични играчи Кака и Гаго, таков играч каков што е Кака со такви квалитети кои ги поседува тешко може да се најде на трансферот пазарот моментално, а од друга страна Гаго би бил добредојден на средината на теренот бидејќи одлично се снаоѓа со топка, добро разигрува, а не е само деструктивец.

За голем број на фудбалски познавачи, Ел Класико е најголемото дерби во Европа, огромен број на фанови ќе го следат овој спектакуларен дуел, каков натпревар очекувате на Камп Ноу?

Боби: Гледан?:) За „кладилничарите“ може да биде досаден дуел, за експертите коментатори „натпревар кој поминал во тактичко надмудрување без тресење на мрежите на обете страни“, а за мене дури и во најлошото сценарио (0-0) знам дека ќе биде 14 букви подалеку од буквата на која почнува зборот досада. Ел Класико, „особено годинава“ може да биде единствено одлично мегданиште на техничко-тактично-виртуозно надмудрување на тренерите, поле за некултурен натпревар меѓу Бускетс и Роналдо (само да не се вмеша Пепе, бидејќи ќе има крв), меч на кој и Меси и Роналдо ќе сакаат да не’ потсетат дека иако Снајдер и Чавиниеста се конкуренти за Златната топка, токму тие се играчите кои повторно во наредната, не-светско-првенствена сезона, ќе бидат на врвот на јазикот на сите фудбалски познаници и дус-дибидуси.

Класико ретко кога поминало без неколку моменти на инспирација од било која екипа, а имајќи го предвид историскиот момент, односно во какви предуслови, со каква позадина се гради атмосферата на дербито во пресрет на 29.11, очекувам експлозија на Камп Ноу, неколку голови, точка на вриење покрај аут-линијата, провокации кон публиката на Камп Ноу, очекувам меч кој ќе се анализира недели откако ќе заврши, а ќе се спомнува со години. Сепак, се надевам дека чичкото кој ги регулира прскалките на тревата нема да заспие повторно на работа и по грешка да ги активира, туку единственото нешто што „ќе прска“ на Камп Ноу ќе е возбудата и воодушевеноста од фудбалската поезија. Океј, нема да се лутам и ако „прсне некој пршлен“ од играчите кои ќе ја бранат левата страна во тимот на Реал. Да повторам, само Пепе да не се изнервира... :)

Зоран: Ел Класико не е само фудбалски натпревар, тоа е борба меѓу две култури, два јазика, два народа, тоа е економија, бизнис, пари, тоа е политика. За Ел Касико сите зборуваат од Лос Анѓелес до Токио. Во Шпанија тоа е празник, Ел Класико ја дели Шпанија на два дела. Огромен број од подржавачите на Кралот во голема мера го подржуваат Реал Мадрид, а огромен број на „противниците“ во голема мера ја подржуваат Барселона, Премирот на Шпанија Запатеро е подржавач на Барселона, а опозицискиот лидер Азнар е socio на Реал Мадрид. Самиот натпревар ќе се гледа секаде, па дури и во киносалите. Секоја година велиме дека Ел Класико е спектакл, но оваа година тоа ќе биде навистина спектакл само ако се видат сите играчи на двете екипи и ако се погледне формите на самите екипи и нивните најдобри играчи ќе биде АУУУУУУУУ. Меси и Роналдо се задолжени со нивните досегашни игри да ни прикажат одлична игра или еден невиден спектакл за кој уште многу години ќе се памти и зборува. Но, исто така мислам дека на самиот терен ќе има многу жар, борба и искри, ќе има борба за секоја педа од теренот и за секоја топка бидејќи Ел Класико во последните сезони се претвори во финале во Ла Лига, Ла Лига се претвори во трка на два „коња“ и кој победи ќе победи во Ел Класико тој на крајот е Шампион на Шпанија. Оваа сезона Реал Мадрид е желен за одмазда за сите 4 претходни Ел Класика кој ги изгуби убедливо, а од друга страна Барселона ќе сака да покаже дека уште суверено владее со Шпанскиот фудбал и дека се уште не е завршена ерата на Пеп и неговите „Гладијатори“. Сето ова укажува дека треба да имаме ништо друго туку еден спектакл кој долго ќе се памети. Единствено нешто што ме загрижува да не биде уништен спектаклот е Судијата на овој натпревар, мислам дека шпанска фудбалска федерација арбитражата му ја додели на најслабиот делител на правдата во Шпанија.

Кои се слабите, а кои силните страни на вашиот тим?

Боби: За да не станам досаден и „нечитлив“, ќе се обидам овој и наредните неколку одговори да ги рационализирам. Па вака: кога ќе се спомне, замисли слабата страна на Барселона, веројатно веднаш пред очи ќе ви се појави слика во која средината ја губи топката на половината на противникот, се случува некоја молњевита контра и Валдез одеднаш е во длабока неволја – неретко единствената интервенција која имал прилика да ја направи била токму во една ваква ситуација, и ужасно брзиот противнапад на Реал тоа ќе знае да го искористи. Значи, ако блауграна експедицијата е раштимана по некој основ, од некоја причина и не успее да ја движи топката доволно брзо, односно неконцентрирано создаде прилики за Жозе да го употреби единствениот против-отров кога е во прашање Барса, ќе има контра и ќе има гол. Така Му го постави Интер минатата година, така ќе го постави и Реал оваа, иако станува збор за два сосема различни тима – според мене, Реал е совршениот тим за ваквата игра, Му совршениот тактичар. Ако сега и вака не победат, незнам како и кога. Ете, низ одговорот можеби провејува уште една потенцијално слаба страна, на психолошко поле, а тоа е желбата да му се затвори устата на тренерот на Реал, „преведувачот“ од Барселона, човекот кој парадирајќи на Камп Ноу после полуфиналниот меч во ЛШ минатата година им танцуваше по нервите на сите „Кулес“ (навивачите на Барса), меѓутоа секој знае дека едно такво сценарио не може да смислат ниту Спилберг, Земекис и Лукас – заедно (мислам конкретно на „затворањето на устата“ како пост ефект).

За силната страна на Барселона нема да пишувам епопеи, туку само ќе нагласам дека во максимална форма Барса има посед, ја движи топката брзо, која според правилата на физиката секогаш ќе се движи побрзо од играчите (на противникот) и тука се отвораат дупките, се пробиваат автобусите, тука пукаат шавовите на одбраните на противниците. И еве, колку да не рече некој „што се прави овој на тошо?“, ќе напишам уште 10 букви: Лионел Меси.

Зоран: Ова за многумина може да изгледа нескромно и арогантно, но гледано моментално Реал не покажува никакви слабости или може не се воочуваа. Но има неколку аспекти кои можат да се посочат како потенцијални слабости. Прво, Марсело како лев бек може да преставува некоја опасност бидејќи тој оваа сезона почна да игра како класичен лев бек со многу дефанзивни задачи откако дојде Мурињо, во минатите сезони тој играше како лево крило и беше многу офанзивен, рака на срце многу добро се снајде во новата улога во тимот, тоа го покажува и фактот дека самиот Мурињо има огромна доверба во него, Марсело како лев бек добро се позиционира, знае да го најде правиот момент кога треба да се пресекува топката, а не да се излетува како ланската сезона кога играше како лев бек против Севиља и каде Хесус Навас му го сврте умот, за добрите игри на Марсело во дефанзива мислам дека е заслужен само Мурињо и никој друг. Но, во понеделник треба да игра против најдобриот играч на светот Меси и треба да се справи со неговата брзина и снаоливост, и убеден сум дека поголемиот дел од тактиката на Барселона ќе биде да ја напаѓаат таа страна и Марсело, а тоа може да претставува голема опасност. Второ, некако Пепе изгледа како да е несигурен во некои ситуации и последните неколку натпревари кога Реал примаше голови тој беше главниот виновник, сетете се само на првиот гол на Милан на Сан Сиро, која грешка ја направи Пепе, затоа Пепе треба да се собере и да биде многу повниметелен. За силни страни на Реал оваа сезона има многу кои претходните сезони ги немаше, а за тоа е заслужен само Мурињо, се бранат колективно и дициплинирано со 10 играчи, напаѓаат со 6 до 7 играчи, желни се за победа, се борат сите заедно, нема да се истакнуваат само како индивидуалните, туку се се подредува на тимот и колективот. Друга силна страна на Реал е и моменталната форма на Кристиано Роналдо кој даде 14 голови во лигата во само 7 или 8 кола што е феноменално, но не е себичен како претходните години бидејќи и самиот сфати дека ако тимот не освојува титули дека тој неможе да ги освои индивидуалните награди.

Од каде мислите дека ќе доаѓа најголемата опасност за вашиот тим, кое е најсилното оружје на противникот?

Боби: Роналдо, Озил, Ди Мариа, Игуаин... станува збор за многу брзи играчи кои често остануваат на половината на противникот и во фаза на одбрана, што иако некој би помислил дека отвора повеќе простор меѓу линиите на обрана и напад кои противник како Барселона би можел да го искористи, сепак во тимот има деструктивци како Чаби Алонсо и Кедира чија задача е да ја анулираат оваа „мана“ на нападот. Кристијано иако игра лево е далеку од класично крило. Повеќе го гледам како „десетка“ на левата страна, една убиствена гол-машина и играч кој е клучен во нападот на тимот, односно карактеристиките на неговата игра и ефектите кои ги предизвикуваат ќе се главниот проблем за четата на Гвардиола и проблем кој мора да се реши соодветно. Еден успешен обид за ова видовме на 10. април на Бернабеу, кога Дани Алвеш беше поставен како „десно крило“, додека на десната бековска позиција командуваше Пујол. Мурињо е далеку од наивен, Гвардиола е шахист – едвај чекам да видам што си подготвиле еден на друг на ова поле. Покрај Роналдо, ме импресионира начинот на кој Ди Мариа се адаптираше во екипата, како и „замената на Кака“ Месут Озил, човекот кој можеби ќе биде причината поради која во јуни догодина Рикардо Кака ќе се врати во Милано. Плус, Озил ми е мил бидејќи навива за Барселона :)

Зоран: Чави, сите ќе ми се иснасмеа на ова бидејќи сите ќе речат дека тоа треба да биде Меси, но јас имам објаснување за ова. Чави е мозокот на системот кој го игра и негува Барселона таканаречениот „тики-така“ начин на игра кој се состои од голем посед на топката, брзи додавања со кои брзо кружи топката од едната на другата страна од теренот и каде се прави „вишок“ играч и тогаш е многу полесно да се даваат голови кога Меси ќе остане еден на еден со бековите, а кога ќе ја изгубат топка прават притисок на противникот и веднаш ја одземаат топка. Од тие причини Чави е клучниот играч со неговите магични пасови што се вели како да имаат очи ја прави играта убиствена за противникот, треба да се потсетиме само на последното Ел Класико кога Реал изигра одлично од дефанзивен аспект, но само 15 секунди го остави сам и паднаа двата гола на Меси и Педро. Најискрено ако сум навивач на Реал, но сметам дека во овие 3 години Чави е најдобриот играч на светот. Погледнете само и шпанската репрезентација освои Европско и Светско Превенство, а предходните натпреварувања не можеше да помине ни четвртфинале, а во таа репрезентација го нема „големиот“ Меси. Зошто Меси не направи нешто со Аргентина? Според мене, го нема Чави.

Кои сметате дека се слабите точки на противникот кои вашиот тим може да ги искористи?

Боби: Со сиот ризик некој да ме смести во класа: идиоти откако ќе го напишам ова, мислам дека човекот кој се препороди под палката на „Специјалниот“, Марсело, е најслабиот линк во дефанзивата на Мадрид и точка која треба да се преоптовари до топење, затоа што најлесно може да попушти и да пукне. Токму неговите офанзивни карактеристики очекувам да бидат од најголема помош за Лео Меси, Педро и Алвеш при експлоатација на десната страна на теренот, или да се изразам земјоделски, мислам дека него може најлесно да го ораат како бавча, од било кој друг шизик меѓу љубителите на меренге.

Зоран: Во претходните 2 сезони Барселона не покажуваше никакви слабости, но мислам дека оваа сезона излегоа неколку слабости на површина, кои слабости одредени екипи ги искористија и беа успешни (Херкулес, Мајорка и Рубин Казан) и други екипи ги покажуваа тие слабости, но немаа доволен квалитет да направат нешто повеќе. Грешката на Барселона оваа сезона беше што го продадоа Јаја Туре кој беше клучниот играч заедно со Чави кои вршеа притисок откако ќе ја изгубеа топката и противниците неможеа да дигнат глава. Не можеа да најдат соодветна замена и оваа сезона противниците прават повеќе контранапади и упатуваат повеќе удари на гол тоа може статистички да се види. Според мене, други слабости се и двата бекови Максвел и Дани Алвес кои се многу офанзивни и кои високо напаѓаат во противничката половина. Како слабост може да наведе и играта на Пике кој оваа сезона делува многу спор и кој е делимично крив за головите што ги прима Барселона и шпанската репрезентација. Мислам дека тука треба играчите на Реал да ја бараат својата шанса и преку добри контранапади да го совладат Валдес кој рака на срце и не е некој добар голман

Од тактичка гледна точка, што мислите дека ќе биде клучно за да се добие овој натпревар?

Боби: Во претходните две прашања одговорите се вртеа околу страната на теренот по која најчесто ќе играат Марсело, Алвеш, Роналдо, Меси, Педро. Но бидејќи Гвардиола и Мурињо имаат тактичко и лично студиозно познавање кое е далеку од моето како планетата Земја до Алфа Кентаури, не треба да бидеме наивни и да заборавиме да ги предвидиме промените на позиции, формациските варијации, односно (кога е Барса во прашање) позиционирањето на Меси како „лажна деветка“, слободната улога на Иниеста во средината и по левата офанзивна страна, ротациите на Виља. Клучно за Барселона ќе биде да ја има топката и да ја движи брзо. Доколку ефективно успее да го прави ова, тимот е 51% пред создавањето максимално оргазмична атмосфера во Каталонија за прослава на 111. роденден на фудбалскиот клуб Барселона. Останатите 49% ќе бидат дефинирани од способноста да се нијансираат во блау-грана тонови моментите кои нудат можност фудбалските генијалци да покажат зошто некој би се сеќавал на нив и би ги спомнувал и после 50-60 години од овој меч. На крилјата на публиката и на значењето на мечот во моментот, се надевам дека ќе успеат во ова.

Да, значајно ќе биде Алвеш да игра дефанзива и кога тој не смета дека е најпотребно и да не ги остави сами Пике и Пујол на немилоста на мадридскиот атак. Дефанзивно, многу е важно и Максвел/Абидал/Адријано (кој и од нив да ја запоседне левата бековска позиција – типувам на Абидал) да бидат доволно брзи и флексибилни, Бускетс да ги пресече каналите на дистрибуција до и од Озил и Чаби Алонсо, Валдез да ја направи „онаа клучна интервенција“ а ла одбраната на ударот на Сисе на мечот со Панатинаикос, односно на Роналдо на Класико од пред точно една година кое патем, Реал го одигра одлично. Важно е и Чави да го постигне врвот од формата после проблемите со повредата и да ги натера керберите задолжени за него да повторуваат „Каде е Чави, каде е Чави?“ кога ќе се вртат како вентилатор околу него. Важно е Иниеста да посака да направи нов бејби-бум во Каталонија. Се’ е важно. Но најважна е онаа карактеристика која ја имаат големите екипи: ако тимот е „даун“ да има индивидуалец кој ќе го понесе на грб, односно, кога индивидуалците се затворени, тимски да се изигра доволно за победа. Барса треба, како и секогаш до сега, да покаже дека со право не влегува во медиумските баханалии особено кога знае дека тие се едно од главните оружја, а ги има неколку и ќе се користи со сите, на човекот кој е донесен во Шпанија со една единствена цел – да ја победи Барса. Блауграна секогаш најдобро се изразувала онаму каде треба – на теренот.

Нај-зен дефиниција за тоа што треба за да се победи на мечот можеби има дадено Алан Ширер во една прилика, а истата беше спомната во еден минат фан вс. Фан на овој сајт кога Марко Стојановиќ ги бранеше боите на Арсенал, и таа е: „Да успееме да постигнеме повеќе голови од противникот“ :)

Зоран: После многу години и меѓусебни натпревари мислам дека ова ќе биде најтактичкото Ел Класико ќе има многу надмудрување од двете страни и ќе пробаат да најдат некој скриен адут за кој противникот нема да биде спремен, а тоа да ја донесе победата. Сакам да пишувам затоа што треба да направи Реал за да дојде до победата. Барселона е еден уигран тим кои се многу компактни кои играат неколку години се заедно и добро се познаваат, друга страна пак Реал со овој тренер и новите играчи се само неколку месеци заедно и тоа може да биде еден голем минус, но тоа може да се надохнади само со цврста, дициплинирана и борбена игра. Реал ако сака да дојде до триумф на овој натпревар кој не е одлучувачки, но е многу битен за понатамошниот расплет во Ла Лига според мене од тактичка гледна точка треба да направи неколку работи. Прво, треба да се прекине брзото движење на топката кое пак е од битно значење за играта на Барселона бидејќи ако се проба да се изврши притисок оние кратки додавања тие ќе станат уште пократки што пак ќе значи дека нема да бидат толку убоити, а тоа може да се постигне ако се игра пресинг на Бускец кој според мене моментално е најслаба алка во средниот ред на Барселона. Бускец игра како единствен дефанзивец и неможе без подршка од страна на Чави и Иниеста, а Реал треба да форсира повеќе да се игра Бускец и со интелегенцијата на Чави Алонсо и цврстината на Кедира со правовремено одземање на топката може да се направи добри услови за еден добар контранапад со кој може да се реши натпреварот. Второ, треба се игра висока одбрана за да не и се дозволи на Барселона да дојде до 20 метри од голот на Реал, тоа може да се изведе само со компактна и тимска дефанзивна игра по целиот дел од теренот. Трето, треба да се искористат сите шанси што ќе се укажат бидејќи мислам дека на овој натпревар нема да има многу шанси и на двете страни. Четврто, треба да се игра на контранапади бидејќи со Роналдо и Ди Марија во тимот тоа може да биде добитна комбинација затоа што Барселона ќе игра со топката и бидејќи Барселона е многу офанзивна екипа, а од друга страна ќе има повеќе простор. Петто, треба да се постави добра одбрана врз Меси и клучниот играч Чави, за Меси треба Кедира или Чави Алонсо да му помага на Марсело, не со класично удвојување туку со една зонска одбрана да му се скратува просторот за маневар, а за Чави треба да помага Озил како што беше со Пирло против Милан и каде се покажа многу успешно.

Стана традиција на Камп Ноу да се прави масивен мозаик на големите натпревари, кореографијата во недела ќе биде во боите на клубот и на Каталонија, а главната порака е “T’estimo Barça” - "Те сакам Барса". Мозаикот ќе го видиме во понеделник, но пред тоа околу 7 милиони фанови на Барса од целиот свет на фејсбук ќе ја имаат сликата од мозаикот како профил слика. Нешто слично на "Ремунтадата" која беше актуелна пред реванш натпреварот против Интер минатата сезона. Какво е влијанието на ваквите масовни акции? (само за фанот на Барса)

Боби: Точно е дека традиционално се прави мозаик пред големите натпревари. Со самото гледање на слики и на видеа од едни вакви кореографии, карактеристични за Барселона, мене лично ми лазат морници, а не можам да замислам каква мотивација плус се и за сите играчи на тимот. Особено за мечот со Реал расположението ќе меѓу публиката ќе го достигне врвот токму поради роденденската прослава на Барса, формирана токму на 29. ноември, па иако во Ла Лига не сме изнагледале или изнаслушале пиромански декори како оние во Италија или англиско хорско навивање, сите речиси 100.000 луѓе на Камп Ноу ќе бидат подготвени 90 минути да се стават на располагање на она што за нив е повеќе од клуб.

За влијанието на ваквите акции, прагматичар како Мурињо би декол дека не помагаат бидејќи и покрај „ремунтада“ моментот, Барселона не успеа да постигне втор гол против Интер и да дојде во позиција да ја брани титулата од Лигата на шампиони среде Мадрид. Сепак, една од причините поради која јас на пример навивам за Барселона, а некој читател на 24 фудбал за Реал Мадрид веројатно е и во начинот на восприемање на се поврзано со клубот и она што тој претставува, а Барселона претставува едно големо семејство, фамилија на пасионирани љубители со, како што љубат да кажат пријателите од Каталонија, „Барса ДНК“ во себе. Па, чувството на припадност, на унифицираност, екипираност пред големиот меч на планетарно ниво, од Фиџи до Сиетл, кое го добива секој „куле“ гледајќи иста фејсбук слика кај стотиците, илјадниците свои виртуелни пријатели, е уште едно делче од еден друг мозаик кој се вика исто како и првиот: „T’estimo Barça“. Покрај фудбалскиот, мислам дека Барселона може да се нарече и социолошки феномен, меѓу другото токму поради ваквите акции.

Кулминацијата ќе биде на Камп Ноу и на милионите телевизори низ целиот свет, позиционирани во луксузни станови во големи градови, во шатори среде пустина, во кафулиња и пабови, по улици... Милионите навивачи на Барселона во понеделник ќе станат уште едно поголемо „Едно“ и својата енергија ќе ја насочат кон Камп Ноу. Врвот ќе е постигнат пред првиот свиреж на судијата, бидејќи за ваквите акции, исходот на натпреварот не е најважното нешто, иако токму тој е лајт-мотивот. Сепак, поважно е чувството... Особено затоа што во светски рамки – е единствено.

Не беше потребно многу време за Жозе Мурињо да се адаптира на клупата на Реал Мадрид и да покаже резултати, Кралскиот клуб нема пораз во досегашниот дел од сезоната, изгледа стабилно, силно и игра добро во континуитет. Како си задоволен од работата на Португалецот, може ли Мурињо да го врати Реал Мадрид на врвот? (само за фанот на Реал Мадрид)

Зоран: Не сум задоволен од Мурињо, туку сум ПРЕЗАДОВОЛЕН не само затоа што Реал игра убаво и е без пораз досега под негово водство, ни затоа што руши секакви рекорди бидејќи тоа може и друг да го направи. Задоволен сум затоа што Мурињо успеа само за неколку месеци во Реал да смени многу работи, да направи една компактна и дисциплинирана екипа во која нема предност да имаат индивидуалците, туку на прво место ќе биде екипата, купи млади, а талентирани играчи кои се желни за докажување кои немаат ништо освоено и ќе се борат и гинат по теренот за секоја топка. Мурињо роден лидер, го презема притисокот на медиумите врз себе и сега играчите можат слободно да играат без никаков притисок. Мурињо воведе дисциплина во клубот, зема се во своја контрола што е од спортски аспект буквално се, ништо неможе да му излезе од контрола. Овие неколку месеци се труди и ќе направи играч од Бензема, му укажува дека најбитно нешто е екипата а не индивидуализмот бидејќи без екипата нема успех. Тоа овој почна да го сфаќа и сега се бори како лав на теренот за секоја топка. Мурињо е огромен мотиватор и знае да повлече потег во вистински момент. Со еден збор Мурињо е створен за Реал Мадрид и ќе го врати на вистинските патеки, таму каде му е местото на самиот врв. Мурињо немаше проблеми со адаптацијата во Реал бидејќи тој е роден победник и вистински лидер.

Вашата прогноза, како ќе заврши овој натпревар?

Боби: 8-0 :) Колку и да сакам да видам солзи на Кристијано Роналдо во понеделник, колку и тој да сака да го расплаче Камп Ноу (немам ништо против „Кики како играч на Реал“, да се разбереме), сметам дека Му ќе игра да не загуби (еурека!), а Пеп за да победи – макар и минимално. Сепак, и покрај предусловите конечниот епилог да се движи во рангот од 1:0 до 1:1, се надевам на „голеада“ и роденденска честитка на тимот до сите навивачи, презентирана на големите „семафори“ на Камп Ноу, на кои ќе стои: Барселона 4-1 Реал Мадрид.

Зоран: Како што кажав претходно во овој натпревар ќе одлучуваат нијанси во сите аспекти бидејќи овие екипи се многу изедначени. Многу е тешко да се прогнозира во вакви натпревари. Ќе има големо надмудрување помеѓу сите актери во ова шоу. Меѓутоа сметам дека и на овој натпревар ќе доминира Мурињо и дека има некој скриен адут во својот ракав како што сме досега навикнати да гледаме од него. Поради тоа ќе се осудам да прогнозирам победа на Реал Мадрид со 0-2, со головите на Кристиано Роналдо (ќе му биде прв во кариерата против Барселона воопшто) и Бензема. HALA MADRID!!!

Подготви: Ристе Ѓорѓиевски

Извор: 24 фудбал

Нема коментари:

Објави коментар