среда, 24 ноември 2010

Победа без резерви

Eден од приоритетите на Пеп Гвардиола е да се пласира во втората фаза од Лигата на шампиони. Патот до таму води преку Атина, каде вечерва од 20:45 домашниот Панатинаикос ќе биде противникот кој треба да се победи за да се обезбеди првото место на табелата.

НИЕ НЕ СМЕ ГРЦИ, ШПАНЦИ И ГУБИТНИЦИ
Доколку Копенхаген загуби од Рубин Казан [мечот се игра во 18:30] на четата математички би и било јасно дека и со реми останува на првото место во групата, но Гвардиола најави дека такви калкулации нема да има. Ќе игра со најдобрите 11 и ќе оди на победа.


Време е конечно, во Грција, да биде забележана и првата „тројка“ на гости во ЛШ сезонава, после идентичните 1-1 третмани во Татарстан и Данска. Кај Русите „имаше нешто ладно“, кај Данците „немаше ништо гнило“ - напротив, поставија една дисциплинирана игра која подоцна се обидоа да ја ископираат сите наредни противници на Барса [и не успеаа] - па ред е во Грција да има нешто жешко :)

Лео е во максимално пукачко расположение, Бојан е ризичен за игра да не му падне пак тонусот после парот голови против Алмерија но веројатно ќе стартува во првите 11, а Виља ќе гледа да се врати на голгетерските ќеифови, после паузата во Алмерија, а пред Ел Класико во понеделник.

Еј, толкав текст, а само еднаш го спомнавме мечот во понеделник... Само сакаме да ја пренесеме атмосферата од соблекувалната на Барселона, каде за верување е дека никој не мисли на дербито [барем се труди, со натчовечки напори - што тешко му оди на авторот на овие редови] туку сите се максимално фокусирани на мечот со Панатинаикос. Бидејќи е важен. Бидејќи, иако момците може да истрчаат на терен знаејќи дека веќе се квалификувани [ако Рубин не успее да победи против гостите од Данска], сепак првото место нема да е обезбедено. А во последното коло „играње играчки“ нема - на Камп Ноу гостува добро познатиот од минатата сезона Рубин Казан.

Има уште најмалку две причини поради кои мора да се оди на чиста победа вечерва: прво, Барселона гостувала неколку пати во Грција [пет поточно; 2-1-2] и никогаш не извојувала победа во Лигата на Шампиони; второ, колку и да кажуваат декларативно дека не се фокусираат на Ел Класико и дека секој меч го третираат како посебен, од натпревар во натпревар, Барса мора да го задржи моралот на високо ниво во пресрет на најважниот меч од полусезоната.

Оној другиот тим ја заврши својата работа вчера против Ајакс, иако постигна само половина од головите кои ги бараше... :) Денес е нашиот ред!

Затоа, нека има фешта вечерва во Атина. Блауграна експедицијо, напред!

п.с. Линкови за следење на мечот ќе бидат постирани на фб групата.

Нема коментари:

Објави коментар