четврток, 30 септември 2010

Наредниот пат ќе видите убаво... [Рубин Казан 1-1 Барселона]

Рубин Казан продолжува да биде „незавршената работа“ на Пеп Гвардиола и неговата Барселона. Синоќа во Татарстан натпреварот заврши со „мирољубиви“ 1-1, два досудени и реализирани пенали, 832710 додавања на Барселона и многу нереализирани шанси. Сепак, од мечот може да се извлечат неколку поенти кои ќе водат кон едно генерално задоволително ниво на справување со очекуваната и одлично реализирана тактика на „тврди“ противници како Рубин Казан.

КОЈ ТИ Е ВИНОВЕН ШТО ГИ СЕЧЕШЕ НОКТИТЕ, ГОЛМАН... 
Барселона создаде доволно шанси за гол, и со реализација на 30% од нив победата ќе беше глатко извојувана. Рубин од друга страна ја имаше топката во свои нозе 35 секунди, и сепак успеа да избори пенал, да го реализира и да упати еден удар по брза контра кој Мартинс го закова во стативата на голот на ВВ.


Обично ние, фановите, знаеме некогаш да изреагираме негативно контра тактиката со која играше Рубин (читај: да избувнеме откако една таква тактика ќе ни застане на патот до второто последователно финале на ЛШ), но вистината е дека станува збор за една сосем легитимна тактика. „Паркирај го автобусот и преку брзи контри загорчи им го животот“ за екипите е далеку поприфатливо решение, кога играат со нас, наместо од нас посакуваната „играј на прва и машки, и биди збришен од теренот“. Сепак, една работа после вчерашниот натпревар станува јасна и може да се сортира во категоријата Напредок / Добри вести за сите Блауграна фанови.

Учиме како да играме против „автобуси“. Рубин настапи со 5 играчи пред голманот, уште тројца пред нив и двајца „напаѓачи“ кои повеќе беа задолжени за маркирање на Максвел и Дани Алвеш отколку да помислат на напад. Сепак, уште во 12-та минута Виља ја расече со нож одбранбената линија на Русите и кога сите очекуваа отворање на резултатот и рушење на тактиката на тренерот на казан како кула од карти изложена на цунами. Сепак, Талија играше во тој момент одбрана, топката се одби од пречката и заврши во рацете на голманот.

ЧУУУКШ!
Не беше само шансата на Педро. Имаше уште неколку ситуации во кои, генерално со брза игра, успевавме да го пробиеме автобусот. Лошата реализација значи едно: повеќе шутерски тренинг. Меѓутоа, значаен е менталниот пристап и создадените можности од кои станува јасно дека Пеп и четата пронашле против-отров за она што многумина го викаат „убивање на играта“, а ние, емпатично, имаме разбирање за таквиот пристап на нашите противници.

Гвардиола мечот го започна со следните 11: Валдез, Максвел, Пике, Пујол, Дани Алвеш, Маскерано, Чави, Бускетс, Иниеста, Педро и Виља. Ваквата формација значи само едно: Маске ќе ја игра улогата на Бисквитс, кој треба да биде Кеита, додека Чави ќе биде под будна присмотра на керберите од Казан. Маскерано одигра задоволително: статистиката вели дека имал одличен процент на реализирани пасови, како и рекорден број на пресечени топки - 10. Затоа и беше на теренот нашиот Пит Бул, да го прави токму тоа, додека Бускетс ќе има слобода да игра малку поофанзивно, да ја пренесе топката до нападот, што некогаш е мал проблем кога буквално сите играчи од навалната линија се покриени. Можеби во вакви ситуации не е лошо да се врати старата формација со два централни бекови кои ќе ја изнесуваат топката, а на „Бускетс/Маске“ позицијата да се замени со некоја поофанзивна. Тоа беше и идејата на Пеп со замената во второто полувреме (Маске < > Meси), иако условите на теренот и желбата на Лео можеби не соодветствуваа со драјвот да се постигне барем уште еден гол.

YOU'RE GOING DOWN
Секогаш кога ќе се игра против вакви противници треба да се има на ум и џокер кој може да го изиграат, од типот на Обафеми Мартинс (уште ли игра тој бе?) кој може лесно да ни го загорчи животот и да не потсети дека „прекрасниот пораз, се' уште е пораз“. Добрата вест е дека со овој „освоен“ бод Барса се позиционираше на второто место со 4 поени, Рубин се трети со 1, а последни Панатинаикос со 0 бодови, што значи сосема добра позиција во однос на зимската битка за пласман во осмина финалето на Лигата на шампиони.

Засега ќе се брои само резултатот кој вели: Казан одигра одличен меч. И за рушење на митот кој се вика Рубин Казан ќе треба да причекаме до 7. декември 2010 година, кога на Камп Ноу во последното коло ги пречекуваме во (се надеваме) натпревар без резултатско значење за нас. Во такви услови, слободно нека извојуваат и глорифицираат уште едно реми против нас. Патот до Вембли и третата титула по ред бараат одредени „откажувања“ :)






За крај, малку статистика:

Барселона имаше посед на топка од 79%. Направи 824 додавања. Домаќините имаа 218.

Момците во зелени дресови имаа подобар скор и во ударите кон голот 16:7 во однос на Рубин. Во корнери, Барса доминираше изведувајќи 10, наспроти 2 на Русите. Двете екипи ја здрмаа рамката на голот по еднаш.

Маскерано играше 60 минути во кои направи 77 додавања од кои 73 беа успешни. Освои 10 топки.

Рубин Казан во три натпревари против Барса има скор од 2 ремија и една победа.

Виља го постигна својот прв гол од пенал за Барселона, и вкупно 400-ти за Блауграна во Лигата на шампиони. Пред тоа, Виља беше регуларен изведувач на пенали за Зарагоса, Хихон и Шпанија.

Десет дена после повредувањето во Мадрид, Лео Меси се врати на теренот и одигра 34 минути во кои упати 4 удари кон голот, 25 пати ја додаде топката, направи четири пробиви и беше фаулиран два пати.

1 коментар:

  1. bravoo odlicno si pisuvas tekstovie so mala doza na humuh nesto sosema novo na nasite blog strani samo taka BLAUGRANA FOREVER...

    ОдговориИзбриши