понеделник, 27 септември 2010

Кројф: Колективната награда на Меси

Во својата неделна колумна за Ел Периодико која излегува во печат и он-лајн секој понеделник, Јохан Кројф пишува за изборот на Златна топка и Златна копачка на Европа и [избрзаното] враќањето на Меси во составот на Барселона на мечот против Рубин Казан.

Според Кројф, кога е во прашање Златната топка, наградата за најдобриот играч на годината, има простор за дискусија за тоа кој ќе ја освои оваа година, поради начинот на бирање: гласаат новинари, селектори на репрезентации и капитените на истите и тие се водат според освоените титули [не секогаш] и според други карактеристики и постигнувања на играчите во конкуренција, па затоа често Златната топка не е избрана со „едногласна одлука“.


Од друга страна, според Кројф, кога е во прашање Златната топка тука работата е математички чиста. Оваа титула се бира според бројот на постигнати голови во сезоната кој се множи со одреден коефициент [во зависност од лигата во која игра играчот] и тој со највисок коефициент ја освојува. Кројф нагласува дека иако ќе изгледа како најиндивидуалната награда некогаш освоена, таа на Лео Меси е многу повеќе резултат на колективот од било кога.

Дека ја заслужува, за Кројф, е евидентно поради спектакуларните 34 голови, кој од кој поубави, во помалку од 38 натпревари во Ла Лига, но трофејот мора да биде посветен на целиот тим. За Кројф доволен аргумент е споредбата на головите на Меси во Барса и оние во Аргентинската репрезентација - очигледно е дека тимот со својот стил, философија, со елементите кои го сочинуваат, му овозможуваат на Лео многу шанси за погодок.

За холандската легенда потпишувањето со Давид Виља е одличен потег на раководството на Барса бидејќи кога во тимот имате уште еден брз, експлозивен играч гладен за голови, со одлично движење, Меси „добива уште половина метар екстра простор во екипата; другата половина ја отвораат со своите движења и начинот на кој ја подаваат меѓу себе топката Педровците, Бојаните и Иниестите во Барселона“.

Јохан Крој има многу разумен осврт и на [брзината на] враќањето на Меси во тимот.

„Во моментов, не треба да му се посака побрзо, туку комплетно опоравување на Меси од повредата на зглобот. Зборувам со здрав разум. Една повреда која не е целосно залечена, нема да ви создаде проблеми само на еден натпревар, туку во целата кариера. Во моментов е најважно да се заштити Меси од самиот себе. Бидејќи, сосема е сигурно дека ќе сака да игра. Во Казан во среда. Со Аргентина во Јапонија на 8. октомври. Дали се ова две финалиња? Не. Вреди да се ризикува само на важни натпревари. Ниту натпреварот во Казан, ниту тој со националниот тим се клучни. Покрај тоа, патувањето значи прекин на специфичните медицински третмани кои можат да го донесат во непотребна опасност здравјето на фудбалерот, за нешто повеќе долари кои Аргентинската Федерација ќе ги добие доколку Лео игра во Јапонија. Дали Барса ќе се натпреварува за титулата во Татарстан? Не, ќе го играат само вториот од шест натпревари во Лигата на шампиони, кога веќе го добија првиот.“

За Кројф, евидентно е дека и Барселона и Аргентина може да играат и да се натпреваруваат совршено и без Меси во Казан, односно Јапонија.

„Јас знам дека Иниеста, на пример, ризикуваше многу со настапот во финалето во Рим. Тоа беше најголемиот натпревар во сезоната. Последниот во сезоната. Овие мечеви пред кои се наоѓа Меси се првите во сезоната. Во Рим, Иниеста играше и го подигна пехарот. Но за која цена? Плаќаше за неа цело лето. И дури и во минатата сезона, повредувајќи се често. Различни повреди? Се разбира. Но идентичен е начинот на кој биле третирани. Кога вреди да се ризикува? Сега не.“, завршува Кројф.

Целата колумна може да ја читнете тука.

Златната копачка на Лео Меси на 23. септември во просториите на музејот на Камп Ноу ја донесе специјална делегација на магазинот Don Balon. Таму посетителите ќе може да ја видат до 30. септември, денот кога ќе му биде врачена на Лео на свечена церемонија во пиварата Estrella Damm во 19.15 часот.

Еднаш откако оригиналната Златна копачка ќе му биде врачена на Меси, идентична реплика ќе биде подарена на клубот и ќе биде дел од постојаната поставка на музејот на клубот. Aргентинецот ја заслужи оваа награда постигнувајќи 34 голови во шпанската Примера минатата сезона, со што се изедначи на првото место на вечната листа за бројот на голови постигнати во една сезона за Барса со Роналдо, кој го постигна истиот скор, но на два одиграни натпревари повеќе од Лео [37].

Нема коментари:

Објави коментар