недела, 26 септември 2010

Логика за лудаци: „Нема скршеница - не е за црвен“

Мегафоните на клубот кој не ја знае суштината на рекламата за Мастеркард на тема „Што е бесценето, а што може да се купи со пари?“ веќе започнаа да трубат дека исклучувањето на Аморебиета на мечот меѓу Атлетик и Барса било престрого, дека текот на мечот би бил потполно поинаков доколку се играше 11 на 11, дека ако судијата не покажеше црвен можеби по теоријата на хаосот на 21.12 2012. нема да дојде до крај на светот... Упс, можеби не смеевме да го откриеме ова последното.

Нејсе, следејќи го примерот на зен мастерот Пеп Гвардиола, не би се оптоварувале премногу со истите новинари кои некогаш препорачуваа „запирање на Лео Меси на СЕКОЈ дозволен и недозволен начин“. Сепак, неколку работи мора да се споменат...

Точно е дека мечот би имал друг тек доколку се играше 11 на 11. Не е точно дека судбината на Атлетик ќе беше поинаква. Овој „суд“ е искажан тргнувајќи од референтата точка „Натпреварот до тој момент“, и е со иста релевантност како и муабетите од типот „Ако баба имаше пенис, ќе се викаше дедо“, какви што се првично споменатите претпоставки, дури и заклучоци.

Дали требаше на теренот да остане дел од ногата на Иниеста, и истиот да биде изнесен на носилки за да прифатиме дека црвениот картон е оправдан? Ако е така, тогаш во иднина не мора да има црвени картони, туку мини судници веднаш до стадионот кои ќе се задолжени за пресуди по итни постапки за фаули кои се направени „невнимателно“ или „тенденциозно“, па сходно на тоа судниците [може да бидат импровизирани меѓу двете клупи за резерви] ќе носат пресуди за кршење нога од небрежност, или намерно завршување на кариера на играч.



После ужасниот фаул на Улафлуши кој во немоќ одучи на маалски начин да му покаже на Меси кој е шеф и за малку ќе му ја завршеше сезоната, нормално е судиите да „дуваат и на кисело млеко“. Меѓутоа, во конкретниов случај, Аморебиета [инаку, играч познат по своето милосрдие на теренот, исклучен само 8 пати во кариерата] ако стартуваше „на топка“ како Улафлуши пред недела дена, под итно треба да посети офтамолог. Во спротивно, не е лошо да се види со психијатар.

Сан Мамес е познат како буниште на кое се игра машка игра. Сепак, машката игра не значи кршење на нозе, барем за фер-плеј играта и правилата пропишани од ФИФА и УЕФА. За публиката пак, која беше нервозна за исклучувањето на нивниот „миленик“ и поради тоа му свиреше на Дон Андрес [ок, мооожеби малку и поради тоа што и донесе светска титула на империјалистичката Шпанија - иронично, и на нивниот домашен Љоренте] ваквите стартови веројатно се разбирливи. Веројатно така било и пред 27 години кога Диего Марадона на истиот терен беше добитник на гратис третман од катастрофата од спортист Гојкочеа кој му ја скрши ногата и му ја скрати кариерата на Диего за една година.

Сепак, ако треба да се игра фудбал, ќе важат други правила. И нема да се плаче како девојче кога ќе биде покажан црвениот картон, како што не плачеше Виља кога знаеше дека ја зезнал работата реагирајќи непромислено, како што не плачеше Гурпеги, играчот кој доби удар од Виља [ме плаши помислата како ќе изгледаше инцидентот доколку *некој друг* беше на местото на Гурпеги]... и конечно, како што не плачеше ни самиот Аморебиета кога судијата, кому фаулот му се случи пред очи, му го покажа патот кон соблекувалната.



Оправдано и заслужено. Како и победата на Барселона. А кучињата ќе лаат на карванот, ова е само почеток на сезоната. Подгответе се да слушате теории на заговор, „читајте ги“ меѓу редови „наивните забелешки“ кои имаат за цел да вршат притисок врз судиите, тимовите, гледајте ги реакциите и санкциите на дисциплинските тела на Ла Лига. Макијавели се пресели во Шпанија.

За среќа, постои некој кој има тенденција да руши рекорди и познати правила, восприемања за она што е вообичаено и нормално. И тој некој можеби нема да победува секогаш, но никогаш нема да залае. Туку, директ, ќе гризне.

1 коментар: