недела, 26 септември 2010

Барса ги построи лавовите [Aтл. Билбао 1-3 Барса]

Неочекувано лесно и доминантно Барселона триумфално го напушти храмот Сан Мамес. Битката за одбрана на титулата продолжува наредната недела на Камп Ноу против Мајорка без Виља, но веројатно со Меси. Win some, lose some.

Блауграна експедицијата засега добро се снаоѓа со помалку незгодниот распоред на Ла Лига кој предвиде во само 7 дена Барса да гостува на 2 од четирите „најтешки“  стадиони за неа [Калдерон и Сан Мамес + Бернабеу и Санчез Пизхуан]. И во второто гостување против традиционално незгодните и крајно мотивирани екипи Барса реализираше победа, но исто како и во Мадрид, натпреварот го заврши со знаење дека на наредниот меч нема да може да смета на еден од „пиштолџиите“ - во случајов Давид Виља и за среќа [во несреќа] не поради повреда туку поради црвен картон.


Борка пази, Чавиниеста!

Билбао, очекувано, не пристигна директно од карантин на Сан Мамес па да го паркира автобусот пред гол, туку храбро, „баскијски“ и стандардно агресивно одлучи да и' се спротистави на Барселона. Како и против секој тим кој ќе ги отвори картите, така и против нив, дури и без Лео Меси, Барса немаше проблем да ја отвори одбраната на Атлетик дури 3 пати во првите 15 минути. Еднаш Виља лошо ја прими топката [или подобро речено, не ја прими], eднаш шутираше во дирекот, а Сејду Кеита во првата од многуте прошетки пред голот на Борка Ираизоз само во манир на добро воспитано дете учтиво ја врати топката до „чичкото во црно“ кој посака да ја добие или барем покажа јасна волја да ја отуѓи.. Средината беше контролирана, Пикенбауер и Ел Капитано непогрешливи позади и само прашање на време беше кога ќе биде начната мрежата на домаќините.

После фуриозниот старт, следеше мала стабилизација на емоциите на теренот, но не за долго бидејќи веќе во 34 минута Аморебиета [човекот кој минатата година за малку ќе го оставеше Меси со едно око] стартуваше со две нозе врз Иниеста и доби директна шут карта од теренот во бојата која можеше лесно да падне од нозете на Иниеста која веројатно некои скептици ќе ги убедеше дека таквиот старт навистина заслужува - црвен картон. Може и да се забележи дека третманот кој го доби Лео од Улафлуши пред 7 дена ги размрда границите на критериумот кој го имаат судиите. Атлетик со 10 играчи... Мириса на проблем, нели?

Нападот е најдобра средина!

Не. Не беше проблем за расположената за игра Барса која веднаш по стартот на второто полувреме на момент се освести од полувременската дремка, будејќи се на звукот од дирекот кој одзвони среќно за Виктор Валдес. Од тој момент, па до крајот, на теренот „Везилка“ пишуваа само креативците од градот на Миро и Дали. Десет минути во второто полувреме и веќе не висеше прашањето „Кога, а не дали, ќе постигнеме гол?“.

Кеита-Иниеста-Виља-назад до Кеита, молскавичната комбинација заслужна за водечкиот и олеснувачкиот мирис на победа на Сан Мамес. 0-1, тотално заслужено.

На натпревар против Леванте можеби можете да се опуштите ако водите со 1 гол предност. Нели, ако водите. Ако не, здравје. Меѓутоа, на натпревар против екипа како Атлетик, која може да ви игра не со 10 туку и со 8 играчи, еден гол предност не значи ништо, особено поучени од минатогодишното искуство на истиот стадион. Во тој момент веројатно целата блауграна заедница посакуваше брз втор гол, после кој Пеп ќе може и да ги одмори Чавиниеста за дуелот кој следи во вторник во Русија.

Дуплирањето на скорот во полза на Барса речиси дојде моменти подоцна, кога Ираизоз во манир на ДеГеа [еј, каква чест му правиме на малиот, а?] му ја одложи радоста на Педро да го постигне првенецот во Примера сезонава, барем до наредниот меч контра Мајорка.

Позиционирањето на Бускетс како командант при транзиционата игра одбрана-напад е меѓу другото и со причина централните дефанзивци, во случајов Пике и Пујол, да се рашират речиси до аут линијата, а бековите да ја добијат потребната слобода од континуираното мислење на дефанзивните задачи дури и кога се напаѓа, па да овозможат повеќе опции за отворање простор во нападот.

Во Билбао џокерот за оваа стратегија во својот ракав [или некаде околу фронталниот кортекс] го имаше Аморебиета, кој им направи одлична услуга на Максвел и особено Дани Алвеш кои/ј се изнаигра/а во вториот дел.

Ќе одам горе, досадно ми е...
Барса создаде уште неколку крајно изгледни шанси [Бојан Кркич изгледни] за нов гол и помирен крај на мечот, но Иниеста успеа само да ја погоди пречката, Дани Алвеш успеа само да падне во несвест една бабичка во 14-ти ред на трибини зад голот на Ираизоз, а Виља не успеа ништо освен да е вистинска ноќна мора за одбраната на Билбао, од која се будиш во моментот пред да стане крајно опасно.

Решението за јаловоста на нападот го имаше човекот кој кога ќе даде гол, нема теорија да се загуби меч - Чави. Во 72-рата минута на Сан Мамес се огласи и дежурниот синоптичар кој најави дека во сиот тој дожд, кал и солзи излиени од мака пред голот на домашните, сепак гостите на крајот ќе ги огрее сонце. 0-2, играч повеќе и 18 минути до крај се веројатно доволна причина за сите типувачи да ја заокружат двојката на уплатената комбинација [освен ако се: навивачи на реал кои не би играле двојка; генерално инаетчии кои од принцип -читај злоставување во детството, силување на нивните миленици од Блауграна Мисијата - не играат на Барса и оние кои уплатиле на нет а не сакаат со алкохолен маркер да заокружат бројка која ја гледаат на мониторот].

Фала Богу, за доброто на фудбалот, тоа не го мислеше и Габилондо кој неколку минути после глупавиот потег на Давид Виља и математичкото израмнување по бројот на играчи на теренот во една мешаница пред голот на ВВ успеа да го постигне голот кој на тимот на Билбао и оние кои останаа на трибините на Сан Мамес никако не им одговараше да биде наречен „почесен“. Причина за аларм! Чави и Иниеста одмараат по желба на Пеп, Виља по желба на духовите на одмаздата [да де, демек му враќаше на овој зад него затоа што овој го клоцкаше и му ја скрши кичмата на брат му!] и одеднаш никогаш посакуваното израмнување кое реално ќе беше премногу споредбено со силите на теренот и играта која ја прикажуваа тимовите, се појави како реална опција.

За среќа, златното среќно момче Педро Родригез како сприја искористи една контра-прилика во моментите кога Баскијците коцкаа на се или ништо, го претрча половина терен откако многу мудро се извлече од можен офсајд зад линијата на средината на теренот и го проигра Бускетс. А Бускетс на вистински начин заокружи уште една своја многу добра партија - домаќински ја смести топката во делот од мрежата кој Ираизоз можеше да го фати само доколку наместо Борка се викаше Флеш.

Дефинитивен крај. 1-3, со три гола на стартната постава од средината, за три бода кои Барса ја насочуваат кон Олимпот на Иберискиот фудбал. Сега, реал „дише во врат“ на минус еден, додека Валенсија се држи сеуште на бод предност.

Бокс кој „ја закачи“ екипата

Океј, реално и не беше бокс во прашање. Барем не сфатен на онаков начин кој подразбира секундант наместо судија и рунди во траење од по 3 минути, дури едниот не падне. Давид Виља, крајно исфрустриран од не-приликите за постигнување гол, втор во низа во првиот тим, а 6-ти вкупно за него на овој стадион, а инспириран од грубата игра на играчите на Билбао, си фати ред прв да се тушира после мечот и прв да седне на трибини на Камп Ноу во недела на 3. октомври за да го гледа мечот против Мајорка.

И не е толку страшно што Виља нема да игра. Страшното е што негова замена, демек „природна“ во тимот е Бојан Кркич, а малиот Боки е меѓу чеканот и наковалната каде беше втурнат „не по своја вина“ пред неколку години: недоволно искусен за првиот тим на Барселона, „предобар“ за Б-тимот, кој патем од годинава е второлигаш [да, знаеме дека знаете и пак ќе го повториме ова уште зиљарда пати].

Каталонија и нејзините пријатели ширум светот ги стискаат палците гумениот Лео Меси да се појави веќе на мечот со Мајорка. Ако не се случи тоа, тогаш и дефинитивно Жефрен ќе добие шанса да настапи против Мајорка.

Сепак, пред натпреварот против Мајорка, актуелниот светски клубски шампион мора да обави едно нималку омилено патување во Русија, земја во која ти не наоѓаш водка туку водката те наоѓа тебе. Или, ти не земаш бодови, тие те земаат тебе. Било како било, Рубин Казан е максимално мотивиран да го повтори минатогодишниот триумф над Барса, која пак има стари [океј, не баш стари, за да застарат и да се прекине побарувачката, туку стари како... „лански“ ?! :) ] сметки за расчистување со руските ентузијасти од Казан.

Тој меч не би го пропуштиле ни за жива глава. Среда, 18:30.

2 коментари:

  1. hahah, Jako, Jako, Jako, Jako, Jako, Jako . . . samo edna mala ispravka, vo Vtornik vo 18:30h verojatno kje se degustira nekoja vodka :-), a vrakjanjeto na Messi (na klupa), i mecot so Rubin e vo SREDA 18:30h.

    Kazav deka e JAKO ova neli ? :-)))

    ОдговориИзбриши
  2. Водката прави чуда.. :) Текстот е пишуван, т.е. завршен во период од денот во кој ни водка не ти треба за да направиш таков лапсуз, меѓутоа благодариме на вниманието и забелешката, корегирано е :)

    ОдговориИзбриши