петок, 24 септември 2010

Примера загревање: 5-то коло

Само пред една недела, многу неутрални љубители на фудбалот ентузијастички беа расположени поради текот на оваа сезона во Примера.

Реал Мадрид започна со реми во Мајорка, Барселона загуби дома од Херкулес, а Валенсија ги реши позитивно сите први три испити сезонава. Ова е нешто што веројатно сите неутрални љубители на фудбалот сакаа да видат: едно отворено натпреварување во кое повеќе од само два тима ќе имаат што да кажат.

Седум дена и две последователни победи на Реал и Барса подоцна, работите изгледа дека пополека се враќаат на свое место. Сепак, оставете простор за уште некое изненадување кое ќе и даде дополнителен импулс на оваа сезона, изненадување кое ќе се случи можеби во ова коло.


Сабота: 

Спортинг Хихон – Валенсија, Ел Молинон, 18:00

Воведниот натпревар од петтото коло во Примера на Ел Молинон во Хихон ќе го одиграат Спортинг и Валенсија. Натпреварот е интересен од неколку аспекти - домаќините во првите 4 кола имаат освоени исто толку бодови, но во вторникот на Камп Ноу против шампионот Барселона одиграа одлична дефанзива и речиси ја исфрустрираа моќната Барса која едвај, и тоа преку Давид Виља, играчот кој својата кариера ја започна токму во младите категории на Спортинг, постигна само еден гол, доволен за победа.

Тренерот Мануел Пресиадо (кој веројатно очекува казна за пушење цигаре на клупата за резерви, откако камерата го фати во таква ситуација на мечот со Барса) по мечот изјави дека „не знае што требаше уште да направат за да победат во Барселона“. Одговорот веројатно е многу едноставен: да упатат барем еден удар кон голот на Валдез, нешто што не им успеа во вторникот. Сепак, на домашен терен во сабота против Валенсија, како што изјави и самиот Пресиадо, работите ќе се сосема поинакви.

Како довчерашниот лидер со стопостотен учинок во првите три кола ќе се снајде на гости против 14-то пласирана екипа ќе дефинира и многу работи во однос на понатамошната кампања на Валенсија за борба со џиновите Барса и Реал Мадрид до самиот крај на Примера, иако и самите се свесни дека овие две екипи се далеку поквалитетни и најверојатно до крајот на Мај меѓусебе ќе ја водат битката за првото место во Ла Лига.

Впрочем, таква беше и минатата сезона, Валенсија заврши на високото трето место, со неверојатно заостанување од 25-бода зад второпласираниот Мадрид и 28 зад шампионот Барселона.

Сепак, стартот на сезоната за Валенсија е импресивен (не треба да го заборавиме и демолирањето на Бурса со 0-4 во Турција во првото коло од ЛШ), па токму против Хихон ќе бараат уште една победа која ќе ги врати на победничките патеки после ремито со Атлетико Мадрид во средата, и ќе им даде импулс со сите сили да се броат до самиот крај со „претплатените“ на титули Реал и Барса.

Дефназивецот на Валенсија Мигел го рече следното: „Се наоѓаме на врвот на табелата и ако ги победиме сите натпревари дома и собереме доволно поени на гостински терен, секогаш ќе бидеме блиску до нив. Тие играат во друга лига, особено Барса, и е тешко да се споредувате со нив. Но во моментов, Валенсија има ист број на бодови со Реал и се што треба да направиме е да уживаме во моментот и да продолжиме со истиот напор за да се задржиме во врвот“

Леванте - Реал Мадрид,  Естади Сиутат де Валенсија, 20:00

Вториот тим од Валенсија, за кој Јохан Кројф одигра десеттина натпревари во 1981 година, на Естати Сиутат го пречекува Реал Мадрид, лидерот на табелата поради подобрата гол разлика од Валенсија после првите 4 кола.

И додека оној кој не ја следи Примера внимателно како од пушка би прогнозирал сигурна двојка (и шансите да е во право би биле 80%), сепак треба да се обрати внимание на неколку моменти кои медиумите срамежливо ги пренесуваат минатите денови. Прво, молбата на Икер Касиљас до Жозе Мурињо тренинзите да им започнуваат еден час подоцна (во манир на поранешниот Ел Капитано Раул за кој наводно тренинзите се одржувале кога ќе му одговарало нему), молба експресно одбиена од Мурињо. Тука е и очигледниот недостаток на хемија меѓу Игуаин и Роналдо. Тимот на Жозе делува далеку од спакувано, меѓутоа се работи за една нова екипа која против Сосиедад и Еспањол покажа дека може да победува и со не најдобрата игра, што е сепак карактеристика на големи екипи и во токму такви натпревари се решава титулата.

Таков меч мадриѓаните ги очекува и во сабота во 20 часот во Валенсија, кога ќе треба да се справат со товарот на петтиот натпревар во две недели против екстремно мотивираниот домаќин, кој иако се наоѓа на 18. позиција и на домашен терен веќе загуби со 1-4 од Севиља и 1-2 од Виљареал, ќе направи се што е во негова моќ за да им го загорчи животот на гостите од Мадрид, и да врзе два позитивни резултати по ред после првата победа минатото коло против Алмериа на гостински терен.

Атлетик Билбао - Барселона, Сан Мамес , 22:00

Дербито на колото се игра во сабота од 22 часот во Билбао, каде домаќините иако на свој терен досега одиграа променливо, односно загубија од Атлетико Мадрид, а ја победија Мајорка, во моментов мирисаат крв бидејќи кај Каталонците во вториот натпревар по ред ќе го нема Лео Меси, па ова за нив ќе биде фантастична прилика да извојуваат победа против „најдобриот тим во Европа“, како што тренерот Капарос ја опиша Барселона. Главната опасност за Барса ќе доаѓа од Фернандо Лоренте, кој ќе сака повторно да влезе во серија како на првите три натпревари од Примера во кои на секој постигнуваше по еден гол.

Гостите калкулираа во вторникот против Хихон, Гвардиола сакаше да ги одмори Пике и Педро, и генерално тимот да извојува лесна победа без преголемо притискање на педалата за гас, но сепак се намачи да го скрши отпорот на Спортинг, па прашање е колку фудбалерите на актуелниот шампион ќе се одморени и концентрирани да го освојат секогаш тешкиот Сан Мамес на кој излегувале како победници 3 пати во изминатите 5 години. Токму тука, минатата година Барса загуби бодови, нешто што значи особено во сезона како ланската која каталонците ја завршија со освоени 99 од можни 114 бода.

Жерард Пике предочи дека „тимот секогаш се снаоѓал и без Меси“, но меч на Сан Мамес е далеку од прошетка во паркот и Барса ќе мора да игра максимално фокусирано, а Гвардиола ќе треба да го организира добро системот кој делуваше малку раштимано против Хихон, доколку сака да држи приклучок со водечкиот Реал. Впрочем, и минатиот натпревар на Висенте Калдерон беше исклучително тежок, но шампионите одиграа одлично.

Со право овој меч го носи епитетот деби на колото, дуел меѓу најдобрата баскиска и најдобрата каталонска екипа, единствените кои покрај Реал Мадрид никогаш не испаднале од Ла Лига.

Недела:

Расинг Сантандер - Хетафе, Ел Сардинеро, 17:00

Домаќините ја стартуваа сезоната лошо, но успеаа да освојат 4 поени на последните 2 натпревари и дури имаа шанси да победат во четвртокот на Санчез Пизхуан во Севиља. Хетафе во натреварот влегува после еден шокантен пораз на домашен терен од Малага, а мора да се земе во предвид и тоа дека ова ќе биде трет тежок меч за нив во период од точно 7 дена (во понеделникот гостуваа на Риазор 2-2). Домаќинот сепак има мала предност и голема шанса да го задржи целиот плен на Ел Сардинеро.

Депортиво Ла Коруња - Алмериа, Риазор, 17:00

На прв поглед, ова не делува како некој потенцијален возбудлив натпревар. Двата тима досега освоија 5 поени од можните 24, и имаат комбиниран скор на 4 постигнати голови во 8 натпревари. Мигел Ангел Лотина, тренерот на Депор конечно и јавно го призна она што сите го знаеме: тимот има проблем со ефикасноста. За жал, за промени на тоа поле можеби ќе треба да се чека до декември.

Освен ако гостите на овој меч не изненадат пријатно и на пример, заминат од Риазор со победа, што е уште потешко замисливо од идејата Депортиво да даде 3 гола на натпревар. Претседателот на Алмериа веќе започна да врши притисок и врз тренерот на тимот Лило, изјавувајќи дека „не е задоволен од начинот на кој тимот игра“.

Тренерот Лило од друга страна не е во позиција да каже дека не му се допаѓа музичкиот вкус на претседателот на Алмериа бидејќи тимот сезонава на едниот од ракавите го носи името на поп пејачот од шпанија Давид Бисбал, и би можел да биде и првиот тренер сезонава кому ќе му биде дадена нога од тимот. Тоа во многу зависи токму од овој меч, на кој двете екипи на самото дно на табелата (17 и 19 место) ќе ја бараат сламката на спасот.

Еспањол - Осасуна, Корнела Ел Прат, 17:00

Маурицио Покетино би требало да може да се справи со огорченоста на неговите фудбалери после тешкиот пораз и контроверзното судење во вторникот на Сантјаго Бернабеу, за неговата екипа да успее да ги победи едни од најлошите 11 кога се во прашање гостувањата. Лос Перикитос досега ги израдуваа домашните навивачи 2 пати во 2 натпревари на новиот стадион во Корнела Ел Прат, додека Лос Рохиљос ги изгубија двата меча на гостувањата сезонава против Реал Мадрид и Мајорка, па домаќините ќе се потрудат сериозно за трендот да продолжи и да се искачат барем чекор повисоко од 9-та позиција на која се наоѓаат во моментот.

Мајорка - Реал Сосиедад, Сон Моич, 17:00

Во вторникот Раул Тамудо го постигна својот трет Ла Лига гол во три натпревари за водство на својот тим против Осасуна. Во тој момент се чинеше дека Реал Сосиедад полека ги демантира сите критичари кои предвидуваа слаба сезона на тимот поради малиот избор на играчи, недостатокот на искуство меѓу најквалитетните и исклучително високите амбиции. Во случајот на Тамудо, товар беше и неговата позадина како играч со долготрајни паузи поради повреди и неговата возраст.

Но Сосиедад не успеа да го задржи водството и натпреварот заврши со 3-1 во корист на Осасуна, во голема мерка поради слабиот финиш на гостите од Баскија. Сега ги чека уште едно гостување на многу непопуларниот терен кога е во прашање гостопримството, Сон Моич во Мајорка, па тешко е да се верува дека Сосиедад ќе успее да се поврати од огорченоста за загубениот поен на домашен терен против кралскиот клуб во дуелот кој баскиците го очекуваа со нетрпение веднаш чим стана јасно дека се враќаат во Примера.

И во Мајорка не цветаат розите, тимот се наоѓа на 16. место со 4 освоени бода, сите на домашен терен. Предвидувачите генерално прогнозираат 7 бода за Мајорка после неделниот натпревар. Сепак, прерано е да го потцениме Сосиедад и уште после 4 кола да го вратиме во втората лига.

Херкулес - Севиља, Хозе Рико Перез, 19:00

Она што веќе може да се каже дека е тренд кога е во прашање Севиља годинава е една нејаснотија која се вика: слаби партии на домашен терен. Изиграа два нерешени натпревари против инфериорни екипи од Ла Лига, и имаа уште 2 срамни претстави во европските натпреварувања. Тешко се снаоѓаат со притисокот на Санчез Пизхуан.

Сепак, кога ќе заминат на пат, изгледаат како онаа Севиља која сите ја знаеме и од која се плашат сите фаворити за највисок пласман. Брзи контра напади, одлични крила, убиствени напаѓачи.

Херкулес од друга страна, се продуцентите на она што ќе биде веројатно најголемото изненадување сезонава кога се ќе биде завршено и познато. За нив останува императивот да не' разубедат дека можат да се справат со предизвикот и да постигнат уште повеќе од ова, но тешко би одело кога во екипата најдобриот играч ти е еден импресивен голман по име Каталајуд. Дренте, Валдез и Трезеге се одговорни за подобрување на дометот и прецизноста на нишанските справи, во спротивно, во мај ќе остане првично искажаниот заклучок за оваа цврста екипа која се' уште се наоѓа во првата десетка во Примера сезонава.

Атлетико Мадрид - Зарагоса, Висенте Калдерон, 21:00

Го спомнавме Каталајуд, но тој не е голманот на сезоната засега. Оваа титула му припаѓа на Мистер Пластикмен, Давид ДеГеа. Дури Сер Алекс Фергусон беше дојден, покрај тоа да ја следи играта на Валенсија, да го сними младиот исклучително талентиран голман со сто раце на мечот кој Атлетико Мадрид го играше со Валенсија во средата и кој заврши 1-1. ДеГеа продолжува со херојските настапи недела по недела, а неговиот тим има совршена можност да се врати во игра и да држи ритам со водечките екипи доколку успее да ги победи последните на табелата, Зарагоса во недела.

Лос Манос изгледа се трудат најдобро што можат, или подобро речено, најлошо што можат, за да го повторат депресивниот почеток на минатата сезона. Тогаш им требаше потполен ремонт за да тргнат на подобро. Може да се надеваме дека нема да мора да пројдат низ истото и овој пат.

Симао, Рејес, Агуеро и Форлан пак, имаат други планови за нив, особено после „пропуштената“ условно речено победа против Валенсија на Местаља, откако водеа во поголемиот дел од натпреварот.

Понеделник:

Малага - Виљареал, Ла Росаледа, 21:00

И ако ДеГеа е најдобриот голман во првиот месец од натпреварувањето, Нилмар мора да биде најдобриот напаѓач. Бразилецот конечно го покажува сиот свој талент и потенцијал поради кој и се пресели во редовите на Жолтата Подморница. Тандемот Нилмар - Роси во нападот на Виљареал може да биде навистина убиствена комбинација.

Предводена од нив, жолтата подморница во понеделник од 21:00 и гостува на Малага на Ла Росаледа, екипа која се чини ја следи шемата на Севиља: одлични на гостински, слаби на домашен терен. Нивната молњевито брза контра прави чуда кога другата екипа ќе превземе иницијатива, но тешко функционираат кога ќе треба да градат игра против екипа која има сосема солидно подготвена дефанзивна структура. Сепак, стилот на Виљареал би требало да им одговара.

Се е во игра, иако нерешениот исход би бил најреален за очекување од овој дуел.

2 коментари:

  1. Se dobro ova sto ste go napisale, ama za Real M nema vrska , videte statistika za mecot Real M - Ajax i ke ja vidite sorabotkata na Ronaldo i Higuain i vo primera slicno. Natprevarot ke bide najlesen za Real M dosega i ke bide resen uste vo 1 poluvreme, a Murinjo ke odmori del od fudbalerite za CHL.

    ОдговориИзбриши
  2. Напишаното е само мааало предупредување за сите типувачи ;) Објективноста се трудиме да е наша доблест. Сезоната е долга и ќе има многу битки за биење пред се да се сведи на трка меѓу два тима.

    ОдговориИзбриши