вторник, 21 септември 2010

Примера загревање: 4-то коло

Третото коло во Ла Лига заврши со ремито од 2-2 меѓу Депортиво и Хетафе во понеделничкиот натпревар. „Вонредниот“ четврт круг започнува вечерва со три натпревари од кои можеби најинтересен е оној на Бернабеу во кој ќе се сретнат домашниот Реал и Еспањол.

Тимот на Покетино патува во Мадрид после добриот старт на сезоната, но без напаѓачите Освалдо и Иван Алонсо, како и играчите од средината Xави Маркез, Датоло и Иван де ла Пења [сите во аут поради повреда] па тренерот мораше да повика двајца играчи од младинскиот погон за натпреварот.

Последен пат клубот од Каталонија победил среде Мадрид пред 14 години, но надежта дека умира последна, како што вели Маурицио Покетино: „Многу сме мотивирани и се надеваме дека ќе пружиме добра игра на Бернабеу“. Дали ќе се случи огромно изненадување и после 2 дена и вториот клуб од Каталонија ќе однесе добар резултат од главниот град, или „новороденчето“ на Мурињо ќе забележи уште една победа после првото реми во Мајорка, ќе дознаеме вечерва од 22:00.

Првото Баскиско дерби сезонава

Осасуна веќе се наоѓа на дното на табелата и се' уште нема постигнато гол оваа сезона, па шансата за добар резултат ќе ја бара денес против Реал Сосиедад во првото Баскиско дерби сезонава. Наредниот противник на Барса [25.09.2010] Атлетик Билбао исто така игра вечерва, против Мајорка на Сан Мамес, во меч во кој Фернандо Лоренте ќе се потруди да го задржи одличниот скор од гол на секој натпревар досега сезонава.

Лидерот го пречекува Атлетико

Дербито во утрешните натпревари ќе се игра на Местаља, теренот на кој гостите од Мадрид немаат победено од 2003, а земајќи ја во предвид одличната форма на тимот на Емери на почетокот од сезонава, Атлетико ќе треба да се потруди солидно и да го заборави поразот на Калдерон од Барса, доколку сака било како да и парира на моќната Валенсија, која пак брка 4-та победа во исто толку натпревари и задржување на врвот на Примера колку што е можно подолго.

Покрај мечот Барселона - Спортинг Хихон [инаку, „матичниот“ клуб на тренерот кој ја внесе Барселона Б во втората шпанска лига, и легенда на А-тимот,Луис Енрике], утре Зарагоса ќе ги вкрсти мечевите со тимот кој иако осоколен по триумфот на Камп Ноу загуби дома од Валенсија во неделата, Херкулес, а Алмериа ќе го пречека Леванте - четири тима кои веројатно ќе ја бијат битката во долниот дел на табелата во поголемиот дел од сезоната и кои загубија во своите мечеви викендов.

Севиља, покажи се дома 

Севиља можеби е втора на табелата и нема пораз во Примера сезонава, но неуспехот да влезат во Лигата на Шампиони сезонава, слабиот старт во Европа Лигата и досадното реми без голови на Рамон Санчез Пизхуан се аларм за тренерот Антонио Алварез чија иднина ќе биде крајно несигурна доколку вечерва не ја искористи шансата да им одговори на критичарите и да ги развесели домашните навивачи кога неговата екипа ќе се сретне со Расинг Сантандер во последниот натпревар од четвртото коло, во четврток.

Депортиво, екс-шампионот кој успеа да ремизира на сите три натпревари досега, гостува кај „жолтата подморница“ на Ел Мадригал, додека Хетафе, тимот кој синоќа успеа да прими два гола од пенал на Риазор и сепак да извади реми против Депор, дома ја пречекува Малага.

Вторник:
Атлетик Билбао - Мајорка (20:00)
Осасуна - Реал Сосиедад (20:00)
Реал Мадрид - Еспањол (22:00)

Среда:
Алмериа - Леванте (20:00)
Барселона - Спортинг Хихон (20:00)
Зарагоса - Херкулес (20:00)
Валенсија - Атлетико Мадрид (22:00)

Четврток:
Севиља - Расинг Сантандер (20:00)
Виљареал - Депортиво (20:00)
Хетафе - Малага (22:00)

Нема коментари:

Објави коментар