среда, 22 септември 2010

Барса-Спортинг Хихон: Победа за Лео!

Во четвртиот натпревар од Примера сезонава на Камп Ноу пристигнува Спортинг од Хихон, екипа против која Гвардиола се очекува повторно да постави еден од своите експерименти, земаjќи ги во предвид околностите [натпревар среде недела, дерби на Сан Мамес во сабота, гостување во Русија за 7 дена].

Сепак, сите се надеваат дека тимот вечерва ќе биде поизбалансиран и поефективен во споредба со првиот „експериментален меч“ на Камп Ноу сезонава кога Херкулес не' изненади непријатно и замина од Барселона со полн плен.


Бојан и Виља не се најсјајни кога е во прашање завршниот удар во воведните мечеви годинава [токму Бојан имаше една колосална шанса за промена на целиот тек на мечот против Херкулес] но време е да ги наместат нишанските справи и вечерва, бидејќи по се изгледа ќе стартуваат во нападот, да ја израдуваат публиката на Камп Ноу со достојно заменување на предводникот на оската на атакот, Лео Меси, кому ова ќе му биде прв меч во кој ќе отсуствува од типот поради повреда после долго време.

Барселона

Распоредот станува набиен, и така ќе биде до крај на сезоната, па тимот допрва ќе треба да се покаже и докаже на вистинските тестови дали ја има потребната длабочина, дали клупата за резерви е доволно долга. Нема причина да се сомневаме во одлуките на тренерот кој во своите први 2 сезони на екипата и донесе 2 конзекутивни титули во Примера и уште еден грст други, па веројатно La Masia помогнала да се ослободи доволен талент кој ќе и помогне на првата екипа кога ќе биде најпотребно.

Виља ќе игра речиси сигурно, во отсуство на Меси, и ќе треба да ја превземе улогата која сите очекуваат од него да ја има - да започне да се реализира и во Блауграна комбинацијата како што тоа го правеше во дресот на Валенсија [редовно завршувајќи во врвот на листата на најдобри стрелци] и во црвената комбинација на La Roja. Андрес Иниеста веројатно ќе одмора, и поради престојните тешки натпревари во Билбао и Казан и поради информацијата за блажената состојба на неговата партнерка поради која можеби и би бил малку дефокусиран.

Па така, напаѓачката тројка ќе биде комплетирана со малиот Кркич [настапот на Педро не треба да се доведе во прашање] кој може да ротира со Виља, доколку Пеп се одлучи на таков експеримент, па да го гледаме Бојан како лажна деветка а Виља лево или обратно, со тоа што во вториот случај Виља би бил поистурен напред. Постои шанса во тимот да се појави и Жефрен, кој доби зелено светло од медицинските лица вчера, па отвора уште една опција за Гвардиола во нападот.

Во средината, мозокот од Сантпедор веројатно пак ќе го стави Маскерано на местото од одличниот Бускетс, а пред него би играле незаменливиот Чави и корисниот Кеита.

Во одбраната ќе недостига Абидал [починал дедо му, па е на погреб], но недостигаше и на мечот против Атлетико Мадрид, па неговото место во тимот одлично го покри Максвел, вистинскиот човек со кој треба да се игра кога се прави транзиција на формацијата од 4-2-3-1 во 3-4-3 со повлекувањето на Бускетс меѓу Пујол и Пике и исфрлање на бековите во втората половина на теренот - впрочем, и Максвел и Дани Алвеш се одлични во тоа - не попусто доаѓаат од земјата која „ги измисли“ ваквите крилни бекови, Бразил. Доколку настапи, Пике ќе го одбележи својот јубилеен 100-ти натпревар за Барселона.

Од друга страна, денес можеби би била совршената прилика за Барса да стартува засилувањето од Севиља, Адријано. Што и да одбере Пеп, очекувајте изненадување во стартните 11, кои би можеле да изгледаат вака:

Валдес-Пујол, Пике, Дани Алвеш, Адријано - Маске, Чави, Кеита - Педро, Бојан, Виља


Спортинг Хихон

И тренерот Пресиадо и играчите, кои се веќе трета година во друштво на најквалитетните, знаат дека нема што да бараат на Камп Ноу. „Херкулес“ дома на Барса и се случува еднаш на две години. Сепак, никој нема да може да ги спречи да се надеваат, иако веројатно е дека ќе играат со дворедно поставена одбрана која ќе ја командува Ботиа, играч од La Masia, и одбрана која ќе треба да покаже цврстина доволно долго за да може средината и напаѓачите да се понадеваат дека можеби ќе можат да пристапат до голот на Валдез во 3-4 прилики и да искористат барем една од нив. Сепак, за самите нив е подобро да не се „трошат“ непотребно на Камп Ноу и да се фокусираат на мечевите на кои можат да извадат поволен резултат.

Добар резултат против Барса е императив, но поголем е опстанокот во лигата.

Конечен резултат:

Барса 3-0 Хихон

Нема коментари:

Објави коментар